Connect with us

Вести

Минчев во Белград: Инвестираме во професионална администрација подготвена за европските предизвици

Администрацијата на иднината не се гради само со нови правила и процедури, туку со луѓе кои имаат знаење, визија и капацитет да ги предводат промените, истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев, на Министерската конференција на РеСПА „Јавна администрација подготвена за иднината: професионален развој и е-управување за пристапување кон ЕУ“, што се одржува во Белград и која годинава е посветена на искуствата на земјите од регионот, улогата на академиите за јавна администрација во развојот на професионалните компетенции, како и придонесот на дигиталните јавни услуги кон подостапна, потранспарентна и поефикасна администрација.

Како што информира неговиот кабинет, во фокусот на обраќањето на Минчев беше воспоставувањето на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници, како темел на професионализацијата на администрацијата и изградбата на институционални капацитети подготвени да одговорат на современите предизвици и барањата на европската интеграција, соопшти кабинетот на Минчев.

– Со донесувањето на законското решение во 2025 година ја поставивме правната основа за системски пристап кон стручното усовршување на административните службеници. Но, нашата амбиција е многу поголема од воспоставување институција што ќе организира обуки. Академијата треба да биде столбот на институционалната вредност, да создава професионалци и идни лидери и стратешки да ги развива компетенциите на администрацијата на иднината, истакна министерот Минчев.

Посебен акцент беше ставен на приоритетите за целосна операционализација на Академијата, зајакнувањето на нејзините капацитети, развојот на програми засновани на компетенции, како и на унапредувањето на дигиталните процеси за управување со стручното усовршување и обуката на административните службеници. Во тој контекст, министерот ја истакна важноста на поддршката од РеСПА и европските партнери во развојот на современи, интегрирани и одржливи решенија кои ќе го олеснат пристапот до обуки, ќе го унапредат следењето на професионалниот развој и ќе придонесат кон поефикасно управување со знаењето во јавниот сектор.

– Дигитализацијата на процесите за стручно усовршување не треба да биде само техничко унапредување, туку инструмент за поефикасно управување со знаењето во целиот јавен сектор. Нашата цел е да изградиме одржливо решение што ќе им служи на институциите и административните службеници, од идентификацијата на потребите за обука до евалуацијата на постигнатите резултати, нагласи Минчев.

Преку регионалната и европската соработка и воспоставувањето на Академијата како центар за професионален развој, Министерството за јавна администрација, како што се наведува во соопштението, инвестира во човечкиот капитал и во создавање администрација подготвена да ги применува европските стандарди и да одговори на очекувањата на граѓаните.

Ad
Ad