Connect with us

Култура

Објавена книгата „Приказни од јазикот“ од Емил Ниами

„Приказни од јазикот“ е насловот на лексикографското издание од Емил Ниами, објавено од „Ми-Ан“, во кое авторот на популарен и релевантен начин одговара на прашањето: „Што се крие зад зборовите што секојдневно ги изговараме?“

-Во неа ќе најдете одговори на прашањата: Зошто велиме „Ахилова пета“, „Пирова победа“, „Авгиеви штали“, „петта колона“ или „седмо небо“? Какви приказни, митови, историски настани и човечки судбини се кријат зад изразите што толку често ги употребуваме, а толку ретко се прашуваме од каде потекнуваат? Токму во потрага по одговорите на овие прашања настанува книгата „Приказни од јазикот“ од Емил Ниами. Таа ги води читателите на едно возбудливо патување низ историјата, митологијата, книжевноста и културата, откривајќи им ги необичното и понекогаш сосема неочекувано потекло на познатите зборови и фразеолошки изрази. Секоја приказна носи ново сознание, изненадување и можност познатото да го погледнеме од поинаков агол, соопшти  „Ми-Ан“.

Рецензентот на книгата, проф. д-р Бобан Карапејовски, вели дека „ова не се само приказни за јазикот, туку приказни што самиот јазик ги зачувал и ги пренесувал низ вековите“. 

-Тоа се приказни што јазикот ги зачувал: приказни што преживеале империи, религии, војни, книги и луѓе, додава рецензентот во поговорот на  книгата, која е збогатена со илустрации за секоја приказна, изработени од академската сликарка Ена Налбантиќ. 

Емил Ниами (Скопје, 1977) е доктор на филолошки науки и работи во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје. Во 1999 година дипломирал на групите за руски јазик и книжевност и за американски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2007 година магистрирал на тема  „Паронимите во македонскиот и во рускиот јазик“, а во 2010 докторирал со трудот „Антонимите во рускиот и во македонскиот јазик“.

Автор е на голем број научни трудови и повеќе од 30 преводи на македонски јазик. Од 2007 до 2011 предавал македонски јазик на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“. Минатата година, во соавторство со Елена Верижникова од „Ломоносов“,  ја објавил монографијата „Македонска лексикографија: достигнувања и перспективи“, во идание на „Ми-Ан“. Во 2021 година Ниами  ја добил наградата „13 Ноември“ за наука.

Ad
Ad