Connect with us

Вести

Николоски: Оваа Влада го донесе најрестриктивниот Закон со кој сериозно се ограничуваат игрите на среќа

Владата го измени Законот за игри на среќа, со кој јасно се ограничува организирањето на игри на среќа. Само Државната Лотарија ќе може да организира игри на среќа, дополнително се воведе ограничување од 500 метри од училишта, а ги зголемивме и давачките, одговори заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, на седницата посветена на поставување на паратенички прашања.

Законот ќе почне да се применува од 1 јануари, истакна Николоски. 

“Измените се состојат од два дела. Прво, се забранува сè што е во пропагандна цел, од рекламирање преку физички изглед на излози и така натаму, а втората е сериозна рестрикција на објекти каде што може да се приредуваат игри на среќа. Не само што се воведе ограничување од 500 метри од училишта, туку исто така се зголемија давачките коишто ги плаќаат оние коишто организираат игри на среќа, дали се работи по апарат, дали се работи по лиценца или по објект. На тој начин сериозно ќе се намали бројот на објекти каде што ќе се организираат игри на среќа. Фактичката примена почнува од 1 јануари. Она што е значајно и што е поврзано со првото, со вашето прашање во однос на 1 јануари, е дека од 1 јануари единствен којшто ќе може да приредува онлајн игри на среќа ќе е државата, односно Државна Лотарија, со само еден правен субјект којшто ќе може да го прави тоа, а истото се однесува и на видео лотариските терминали, односно ВЛТ апаратите, каде што државата ќе е единствена којашто ќе може да организира вакви игри на среќа преку исто така еден субјект”- одговори Николоски

Тој додаде дека по изборот на оваа Влада, укинати се лицениците на 3 компании кои требало да приредуваат онлајн игри на среќа.

“ Укинати се лиценците на 3 компании коишто требаше да приредуваат онлајн игри на среќа. Дополнително, укината е платформата 2WIN, којашто беше дел од Казино Австрија и која што беше дел од ВЛТ терминалите, а исто така иницирани се и кривични постапки. Во моментов се води активна судска постапка против Артан Груби, Перпарим Бајрами и останати обвинети, и очекувам судот во ефикасна процедура ова да го заврши и да одговараат за она што го сториле” рече вицепремиерот Николоски. 

Истакна дека е потребна е строга државна конторла за да не се случи како во минатото да работи “црниот пазар.”

“ Имаме деновиве еден интересен случај во јавноста, поврзан со Ива Михајлова. Јавноста заборава дека нејзиниот татко беше осуден токму како дел од акцијата “Детонатор”, којашто во периодот некаде пред 2013 години значеше сузбивање на нелегално организирање на игри на среќа. Се сеќавате на десетици апарати коишто беа извадени на плоштад од Македонија, каде што беа покажани апаратите на коишто нелегално се организирале игри на среќа.

А мислам дека јавноста заслужува одговор на уште едно прашање, а тоа е дали тоа што поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски, не го потпиша Законот за игри на среќа, којшто го донесе претходниот парламентарен состав, можеби е поврзано со изградбата на зграда во Влае на неговиот директор на Агенција за разузнавање Ерол Муслиу. Односно, дали едното и другото се поврзани и каде води трагата на парите? Ги повикувам, еве, по допрен глас да постапат и од обвинителството и од финансиската полиција и од финансиското разузнавање во однос на оваа работа” – додаде Николоски

Ad
Ad