Connect with us

Вести

Николоски: Вештачката интелегенција е придобивка што мора да ја искористиме

Вештачката интелигенција веќе не е само теорија или технологија на иднината, тоа е нешто што се случува околу нас. Таа е голема можност што треба да се искористи. Како Влада создаваме правна и административна рамка, со цел да овозможиме нејзина примена за да фатиме чекор со дигиталниот развој – истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на 21. годишна конференција на МАСИТ посветена на вештачката интелигенција.

Во своето обраќање тој потенцира дека целите на државата се утврдени во стратегијата за развој на ИКТ – SMART MK 2030, која дава конкретни насоки на дигиталните процеси и напредната технологија. Говорејќи за создавање на условите за дигитален развој, потенцираа дека инвестициите во податочни центри се исправни политики што носат сериозни економски резултати.

– Направивме законски измени што овозможуваат да се создаде една правна рамка кај Законот за урбанистичкото планирање и Законот за градењето, со цел да може да се развиваат податочни центри. Ако го видите во овој момент светот, ќе видите дека државите што одржуваат сериозен раст на бруто-домашниот производ, го одржуваат баш поради овие два сегменти: развојот на вештачката интелигенција и развојот на податочните центри. Ако видите зошто капиталот поскапува во моментот на светските пазари, тоа е затоа што најголем дел од пласманот на капитал е токму во овие два сегменти. Прашањето е дали ние ќе фатиме чекор или ќе заостануваме. Прашањето е дали ќе одиме во оваа насока или ќе одиме во некои други насоки, кои не мислам дека се развој на државата – порача Николоски.

Посочи дека заедно со Министерството за дигитална трансформација веќе се работи на првиот државен национален податочен центар и дека веќе се работи на урбанизација на просторот и завршување на правната рамка по што ќе следува инвестицијата.

– Тоа ќе биде една државна потврда и показател каде треба да се развиваат работите, а се надевам дека многу бргу ќе можеме да го имаме како инвестиција и првиот приватен податочен поголем центар. Вратите се отворени во Владата, во министерствата. Доколку имате такви бизнис-идеи, повелете заеднички да ги разгледаме и да дадеме поддршка онаму каде што можеме – рече Николоски. 

Во делот на дигитализација во секторот транспорт, Николоски истакна дека се работи на ИТС-системот во патниот дел, а веќе се разгледуваат опции и за употреба во железничкиот сообраќај. 

– Тоа е дел и од барањата на Европската Унија во рамките на планот за раст. Веќе петте закони се готови и се на финална консултација во Брисел. Очекувам оваа недела да добиеме повратен, потврден одговор. Очекувам до крајот на следната година или почетокот на 2028 година, на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија, веќе да имаме имплементиран интелигентен транспортен систем и потоа да почнеме да работиме на Коридорот 8. Во делот на железницата, во моментот на системот ЕНЕР за јавна консултација се исто така пет закони, кои се дел од истиот овој пакет, по што, по нивното усвојување, се надевам некаде до средината на следна година, ќе можеме да зборуваме и за интелигентни транспортни системи во железницата. Во рамките на проектот што го имаме за брза пруга на Коридорот 10, наша дефинитивна одлука е да одиме со најновиот систем EMTC S2. Особено по она што се случи во Грција пред неколку години и она што се случи во Шпанија пред речиси 1 месец, сметаме дека безбедноста мора да е на највисоко ниво и доколку сакаме да имаме автономно управување на возовите, односно човечкиот фактор да е сведен на минимум, тогаш мора да имаме и најмодерни системи што тоа ќе го прават – потенцира Николоски.

Додаде дека се работи забрзано и за воведување на националниот едношалтерски систем и нов систем за дигитализација на патната таска како проекти поврзани со напредни технологии.

Ad
Ad