Connect with us

Вести

ФЗО: Активно се работи на надминување на состојбата со здравственото осигурување во МВР и на трајно системско решение

Фондот за здравствено осигурување во врска со состојбата со здравственото осигурување во МВР, во интерес на точното информирање на јавноста појаснува дека статусот на здравственото осигурување се утврдува преку автоматизиран систем, врз основа на податоците за пријавите и уплатените придонеси, кои по електронски пат се преземаат од Управата за јавни приходи.

Фондот не врши рачно исклучување на осигурениците, ниту донесува поединечни одлуки за прекинување на нивното осигурување. Станува збор за системски воспоставен механизам кој подеднакво се применува за сите правни субјекти, вклучително и за државните институции.

Во моментов интензивно се работи на надминување на актуелната состојба со здравственото осигурување на вработените во Министерството за внатрешни работи, како и на изнаоѓање трајно системско решение со кое ќе се спречи повторување на ваквите ситуации, информираат од ФЗО.

Како што претходно беше информирано, состојбата е поврзана со дополнително пријавување вработени за претходен период, врз основа на судски одлуки, при што е потребно соодветно усогласување на пресметките и уплатата на придонесите. Со ваква состојба во минатото се соочил и самиот Фонд, што потврдува дека не станува збор за постапка насочена кон одредена институција или категорија вработени.

На иницијатива на Фондот веќе е формирана меѓуинституционална работна група, во која учествуваат претставници на надлежните институции. Досега се одржани неколку работни состаноци, на кои се разгледуваат конкретни решенија за надминување на причините што доведуваат до вакви состојби.

Очекуваме интензивната соработка меѓу надлежните институции во најкраток можен рок да резултира со конкретно и одржливо решение.

Фондот останува целосно посветен на заштитата на правата на осигурениците и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошните активности и постигнатите резултати, се вели во соопштението од ФЗО.

Ad
Ad