Connect with us

Вести

Николоски: Се размислува за електронска наплата на патарините, ќе се наплаќа од километар

Се разгледува воведување електронска наплата на патарините на автопатите, без возилата да застануваат на наплатните станици. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека се размислува патарината да се наплаќа по поминат километар и дека при изработката на законот ќе се побара експертска помош.

Според Николоски, ваквиот начин на наплата би овозможил побрз проток на возилата, пониски трошоци за возачите и поголема безбедност во сообраќајот, со помал ризик од сообраќајни незгоди.

– Вчера, по враќањето од Виенскиот економски форум, имав средба со новиот претседател на Европската транспортна заедница, кој дојде во Скопје. Ова беше една од главните теми. Би сакале да ја искористиме нивната експертиза при изработката на законот. Хрватска се обидува да го примени овој систем, но сè уште не почнала, а во моментов започнува неговата примена на обиколницата на Белград. Тоа е горе-долу сè што можеме да видиме во регионот. Затоа ни е потребно искуство од понапредни европски држави. Сметав дека е корисно да ја претставиме нашата идеја и да вклучиме експерти од Европската транспортна заедница, кои заедно со нашите експерти ќе работат на законот – изјави Николоски пред почетокот на 21. конференција на МАСИТ, посветена на вештачката интелигенција.

Николоски очекува законот да биде претставен во текот на декември.

Со наплатата по поминат километар, како што посочи, би се избегнала сегашната практика на иста наплатна станица да плаќаат ист износ и возачите што поминале пократко растојание и оние што поминале подолго.

– Нашата идеја е да се наплаќа по километар, што би било многу поправедно од сегашниот начин на наплата. Ако тргнете од Демир Капија кон Гевгелија, плаќате 100 денари на наплатната станица кај Смоквица. Ако тргнете од Скопје кон Гевгелија, на истата наплатна станица повторно плаќате 100 денари, што е неправедно за жителите на Демир Капија. Затоа сметаме дека треба да се наплаќа по поминат километар, што значително би ја намалило цената – рече Николоски.

Новиот начин на наплата најпрво би се применил на автопатот Кичево – Охрид, за кој Николоски очекува целосно да биде пуштен во сообраќај во мај. Во следните неколку недели, како што посочи, треба да биде пуштен во сообраќај најтешкиот дел од автопатот, на кој има четири галерии, неколку мостови, вијадукти и најдолгите тунели.

Потоа, ваквата наплата би се вовела и на другите автопатски делници што се градат – Прилеп – Битола, Букојчани – Гостивар, Гостивар – Тетово и Кичево – Букојчани.

Ad
Ad