Економија
Дирекција за ТИРЗ: Текнопанел со план за проширување на ивестицијата во вредност од 5 милиони евра, предвидени нови 100 вработувања
Тековните активности и плановите за проширување на инвестицијата во вредност од 5 милиони евра, со чија реализација се очекува и отворање на 100 нови работни места, беа тема на разговор на денешната работна средба на директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Гоце Димовски денес со Хуријет Демирорс, член на Одборот на директори на Текнопанел и управител на компанијата во Скопје.
Како што известуваат од Дирекцијата за ТИРЗ, Димовски го поздравил планираното проширување како значаен чекор во понатамошниот развој на компанијата и израз на доверба во условите за инвестирање во Македонија. Тој ја нагласил подготвеноста на Дирекцијата за ТИРЗ да обезбеди институционална поддршка во рамки на своите надлежности, со цел успешна реализација на планираните активности. Димовски посочил дека поддршката на постојните инвеститори и создавањето услови за нови вложувања остануваат меѓу приоритетите на Дирекцијата, особено кога истите придонесуваат за отворање нови работни места и зајакнување на економијата.
-Демирорс ги претстави плановите за проширување на инвестицијата, осврнувајќи се на предвидените вложувања и потребата од нови вработувања што ќе произлезе од нивната реализација. Тој ја истакна важноста на редовната комуникација и соодветната поддршка при спроведувањето на планираните активности, што е особено важно при реализација на инвестициски проекти со долгорочно значење за развојот на целокупната економијата – соопшти Дирекцијата за ТИРЗ
ноември 18, 2026


