Свет
ЕК: Разговорите во Абу Даби се насочени кон практична безбедносна рамка и траен мир за Украина
Целта на разговорите во Абу Даби е развој на практична безбедносна рамка што ќе ја зајакне долгорочната безбедност на Украина и ќе создаде услови за постигнување договор преку преговори, соопшти Европската комисија.
Претставници на европските партнери, Украина и Соединетите Американски Држави се сретнаа денеска, во пресрет на трилатералните разговори со Русија што ќе се одржат денеска и утре зад затворени врати, за да ја продолжат тесната координација во врска со напорите за завршување на војната во Украина и создавање услови за траен мир, вклучително и поддршка за силни безбедносни гаранции како дел од секое можно решение.
„Разговорите се водеа во рамките на соработката меѓу европските партнери, Украина и САД, одразувајќи ги нивните заеднички цели, континуираните консултации и посветеноста на евроатлантската безбедност. Учесниците нагласија дека секој иден договор мора да ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и независното донесување одлуки, како и да обезбеди кредибилни безбедносни гаранции за Украина“, се наведува во соопштението.
Заедничка цел е развој на практична безбедносна рамка во која одделните елементи меѓусебно ќе се зајакнуваат, а која ќе ја унапреди долгорочната безбедност на Украина и ќе ја изгради довербата неопходна за постигнување решение преку преговори, се истакнува во соопштението.
„Покрај главниот фокус на трајниот мир, разговорите го опфатија и прашањето како да се надградат постојните европски безбедносни институции и договори по завршувањето на војната во Украина. Учесниците исто така истакнаа дека од суштинско значење е решавањето на безбедносните прашања во повоениот период и намалувањето на ризикот од конфликти. Разговараа за тоа како да се обезбедат силни механизми за управување со ризиците и избегнување опасна ескалација“, се додава во соопштението.
Учесниците повторно ја потврдија заедничката посветеност на силна европска безбедносна архитектура и безбедносни аранжмани во повоениот период, со јасен став дека силното НАТО ќе остане клучен столб на евроатлантската колективна одбрана.
Неименуван извор запознаен со разговорите оцени дека решавањето на украинскиот конфликт е само една од темите на пошироката дискусија.
ноември 10, 2026


