Connect with us

Свет

Враќањето на шпанската десница може да го заживее каталонскиот сепаратизам

Политико

Победата на конзервативната Народна партија (ПП) и крајно десничарската Вокс на изборите на 29 ноември може повторно да го покрене прашањето за независноста на Каталонија и да предизвика нови тензии меѓу Мадрид и Каталонија, речиси една деценија по обидот за сецесија во 2017 година, објави бриселскиот портал „Политико“.

Претставниците на каталонските сепаратистички партии предупредуваат дека поцврстиот десничарски пристап може да доведе до ограничување на автономијата на регионот и повторно зајакнување на движењето за независност.

Каталонија, вториот најголем автономен регион во Шпанија, придонесува со околу 19 проценти во националната економија и вклучува 16,5 проценти од населението на земјата.

За време на неговиот мандат, шпанскиот премиер Педро Санчез преговараше со сепаратистичките партии и се согласи на отстапки во замена за нивната парламентарна поддршка, вклучително и закон за амнестија за Каталонците вклучени во обидот за сецесија.

Иако независноста сè уште ја поддржуваат 43 проценти од Каталонците, според регионалниот завод за статистика, ова прашање повеќе не е меѓу нивните главни приоритети, зад домувањето, имиграцијата и криминалот.

Поранешниот каталонски претседател Карлес Пуџдемон неодамна призна дека движењето за независност е фрагментирано и ослабено.

Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Феихо, го обвини Санчез за поткопување на уставниот систем на Шпанија поради неговата соработка со каталонските националисти, додека Вокс се залага за забрана на сепаратистичките партии и укинување на децентрализираниот политички систем на земјата.

Сепак, Феихо ги отфрли тврдењата за време на кампањата дека сака централизација на власта, наведувајќи дека сака да овозможи функционирање на каталонската самоуправа.

Тој најави укинување на законот за амнестија, додека лидерот на Вокс, Сантијаго Абаскал, ја омекна својата реторика за Каталонија и даде приоритет на ограничувањето на имиграцијата.

Каталонскиот претседател Салвадор Иља изрази сомнежи во намерите на десницата, предупредувајќи дека политиките на Народната партија и Вокс би можеле да ја загрозат регионалната автономија изградена со децении.

Една можна точка на конфликт би можела да биде употребата на каталонскиот и другите регионални јазици во шпанскиот парлмент, како и јазичната политика во училиштата.

Претставници на каталонските сепаратисти, исто така, предупредуваат на можно намалување на финансирањето и надлежностите на регионалната влада.

Аналитичарите проценуваат дека построгиот пристап на Мадрид би можел да го оживее сепаратистичкото движење, особено ако новата влада го користи прашањето за каталонскиот идентитет во политичките конфликти.

Директорот на Институтот за политички и социјални науки во Барселона, Ориол Бартомеус, рече дека Народната партија би можела да заземе построг став кон Каталонија ако не постигне резултати во други области, како што е економијата.

Пуџдемон, кој живее во Белгија од 2017 година, би можел да се врати во Шпанија по изборите, што се очекува да ги охрабри поддржувачите на независноста.

Неговата партија Хунтс верува дека владата на Народната партија и Вокс би можела да придонесе за повторно зајакнување на сепаратистичкото движење.

Ad
Ad