Култура
Кумановските танчари со 17 кореографии ја одбележаа музичко-танцовата вечер „Куманово во срцето“
Шест кумановски студија и клубови за модерен балет и танци се претставија на музичко-танцовата вечер „Куманово во срцето“, која се одржа во спортската сала во пресрет на 11 Ноември – Денот на градот. На сцената настапија Dance studio Ultra, Dance studio MAK, Dance studio Virtus, Skill Factory, Dance studio Fusion и Танцовиот спортски клуб „Динамик“.
Младите танчари изведоа 17 кореографии на познати домашни и светски музички нумери, детски песни и класична музика. Посебен дел од програмата беше заедничката изведба на „Ѓердан“, со која учесниците ја истакнаа пораката за единство и заедништво.
Градоначалникот Максим Димитриевски, кој присуствуваше на настанот, ја истакна богатата музичка традиција и развиената урбана денс-култура на Куманово посочувајќи дека кумановските танчари со години освојуваат признанија и награди на меѓународни сцени претставувајќи ги градот и државата.
Тој изрази поддршка за младите, нивните таленти и креативниот потенцијал оценувајќи дека тие се гордост и иднина на градот.
Музичко-танцовата вечер „Куманово во срцето“ беше дел од програмата за одбележување на 11 Ноември – Денот на Куманово.
ноември 10, 2026


