Култура
Женскиот младински хор „Менада“ од Тетово одржа концерт по повод 45 годишниот јубилеј
Градскиот женски младински хор „Менада“ вчеравечер го одржа концертот насловен „Македонско хорско творештво – од композитори од првата декада на XX век“, во рамки на одбележувањето на 45 годишниот јубилеј. Беа изведени 11 композиции од македонски автори, под раководство на диригентот Ивица Зориќ кој оцени дека хорот испиша уште една страница полна со емоции, гордост и неизмерна љубов кон македонската традиција.
-Низ нотите на македонското хорско творештво од првата декада на XX век, сведочевме на вистинско музичко патување низ времето. Секоја песна беше приказна за нас, за нашите корени, за нашата болка и радост, претопени во хармонија што се слушаше со душа и се доживуваше со затворени очи. Благодарни сме што тетовчани ја исполнивте салата до последно место и што заедно го дишевме во ритамот на македонската песна. Ова е доказ дека традицијата живее секогаш кога се пее со љубов – изјави диригентот Ивица Зориќ.
Публиката имаше можност да ужива во делата на великаните на македонската музика, претставени преку богатата програма со која беа изведени хорски композиции Моме стоје“ и „Мариче на стол седеше“ од Живко Фирфов, „ Садила Тимка Босилок“ и „Ејди, Недо“ од Стефан Гајдов. Изведени беа капиталните дела на великанот Тодор Скаловски „Гоце“, и „Тодорка млада робинка“, „Пратила мајка Бојана“, „Като, Като“, „Коруме“ и „Голем мерак имамо“. Застапен беше и Трајко Прокопиев со композицијата „Туѓина“.
Теодора Ветероска и Соња Ристоска Томоска беа асистенти на диригентот за дел од изведените хорски композиции, а како солисти настапија уметниците Дејан Симоски, Зорица Митровска и Теодора Ветероска. Свечен концерт по повод јубилејот 45 години хор Менада ќе биде одржан на 21 декември во Центарот за култура во Тетово.[
ноември 10, 2026


