Економија
Собраниска дебата за вториот ребаланс на Буџетот за 2026
Во дебатата за ребалансот на Буџетот за 2026 година опозициските пратеници истакнаа дека тој се носи на неполни два месеци до крајот на годината, и дека отвора сериозни прашања за квалитетот за буџетското планирање, реалноста на приходните проекции и приоритетите на економската политика.
– Мојата оценка е дека овој ребанс не нуди убедлив одговор на економските предвизици, туку напротив покажува слабости во планирањето, висок дефицит и намалување на средствата за развојни програми и капитални инвестиции – рече пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ.
Според него, бројките во однос на дефицитот што останува висок, а развојните инвестиции се намалуваат, ја покажуваат основната противречност на ребалансот.
– Вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, а расходите на 420,5 милијарди денари, дефицитот достигнува 46,3 милијарди денари односно 4,1 процент од БДП. Во споредба со првичниот буџет дефицитот расте од 39,2 милијарди денари на 46,3 милијарди денари, истовремено капиталните расходи се намалуваат од 46,5 на 40,1 милијарди денари во однос на јунскиот ребаланас. Значи имаме повисоки вкупни расходи, поголем дефицит и помалку средства за капитални инвестиции. Ова е суштински проблем. Капиталните инвестиции не се обична суштинска ставка. Тие се инвестиции во патишта, училишта, болници, енергетика и комунална инфраструктура. Нивното одоложување значи изгубени развојни можности и повисоки трошоци во иднина – рече Ковачевски.
Координаторот на пратеничката група на Левица Борислав Крмов, истакна дека втор ребаланс на Буџетот од независноста се носи четврти пат и тоа на помалку од два месеци до крајот на годината, а во петок почнува расправата за Буџетот за 2027 година.
Според Крмов, вистинските причини за вториот ребаланс на буџетот треба да се видат во ставките каде најмногу се префрлаат пари, а тоа е во социјални трансфери за пензии, социјални надоместоци, за здравствена заштита.
– Овие пари, милиони евра, не се за некое зголемување до крајот на годината, ова се за тековни обврски на Владата, ако не се направеше ова немаше да се исплтат ниту пензии, ниту социјална заштита…, додаде пратеникот од Левица.
Сања Лукаревска од СДСМ рече дека вториот ребаланс е резултат на погрешно планирање, но оти нема одговор каде се направи грешката во планирањето и кога. Според неа, сега планирањето оди во грешна насока и кај приходите, и кај расходите, и кај дефицитот.
Љупчо Пренџов, од ВМРО-ДПМНЕ рече дека е многу важно да се дискутира објективно за граѓаните да имаат објективна претстава за она што се случува во општеството. – Многу е важно да се каже дека овој ребаланс на Буџет, втор оваа година којшто го критикувате, е со една и единствена цел а тоа е горивата чиишто цени скокнаа од 70 на 97 денари да не бидат 114 денари – рече Пренџов.
Пратеникот кажа дека амандманите што ги поднела опозицијата се за „рилсови“ и политички поени, бидејќи на 40 дена до крајот на годината нема простор за големи проекти. Пренџов смета дека голем дел од дискусијата треба да се одвива од следната недела кога ќе се разговара за новиот буџет.
ноември 10, 2026


