Регион
Повеќе од 90 уапсени во Србија во полициски акции по парламентарните избори
Повеќе од 90 лица се уапсени во серија полициски акции во Србија во изминатите две недели по парламентарните избори на 25 октомври, под сомнение за различни кривични дела. Меѓу уапсените има и високи полициски функционери, банкари, вработени во покраинската и локалната администрација, како и директори на јавни претпријатија.
Апсењата следуваат откако изборната листа на студентското движење „Студентска листа – Студентите победуваат“, произлезено од двегодишните антивладини протести поттикнати од загинувањето на 16 лица при уривањето на настрешница на реновирана железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, победи на предвремените парламентарни избори. На изборите, по 14 години на власт, загуби Српската напредна партија (СНС), чија листа ја предводеше дотогашниот претседател на Србија, Александар Вучиќ.
Вестите за апсења во Србија стануваат речиси секојдневни. Меѓу досега уапсените се началникот на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричак, началникот на Службата за сузбивање криминал, Бошко Секулиќ, командантот на Специјалната антитерористичка единица, Игор Жмириќ, како и уште 17 полицајци. Според оценките на аналитичарите, ова укажува дека во полицијата постојат судири меѓу најмалку две струи.
Уапсен е и Давор Мацура, сопственик на банката Алта, блиска до одредини државни институции и претпријатија, како и двајца негови соработници, под сомнение дека од трезорот на банката изнеле околу 380 милиони евра. Во банката е отворена стечајна постапка. Под сомнение за злоупотреби се уапсени и покраинскиот секретар за социјална политика Предраг Вулетиќ и неговата соработничка, директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод, Југослав Николиќ, управникот на Казнено-поправниот завод Забела, Родољуб Рончевиќ, претседателот на општина Инѓија, Марко Гашиќ, со негови соработници, како и група директори во Нови Сад, а под притисок на јавноста следуваа и оставки на локално ниво.
Правните експерти укажуваат дека до неодамна, за време на владеењето на СНС, било речиси незамисливо правосудството и полицијата да постапуваат „по службена должност“ и по бројните пријави што дотогаш „стоеле во фиоки“. Според нив, апсењата во изминатите денови „покажуваат дека деполитизацијата станала очигледна и опиплива во институциите“.
Професорот на Правниот факултет во Белград, Горан Илиќ, посочува дека судовите и обвинителствата и досега ги имале истите овластувања, но дека прашањето било дали предметите ќе бидат „ставени во фиока“ или ќе се решаваат.
– Во самите институции, струјата што беше настрана сега ја користи можноста да дојде до израз – изјави Илиќ за Радио-телевизија Србија.
Илиќ истовремено нагласува дека уапсените и приведените се поврзани со доскорешната владејачка гарнитура, која ја ставила под своја контрола правосудната власт, поради што јавноста повеќе од една деценија, со ретки исклучоци, немала можност да види како обвинителствата и судовите непристрасно ја извршуваат својата работа. Илиќ смета дека е „неспорно“ оти припадници на полицијата и обвинителството со акциите во изминатите денови „сакаат да ѝ се додворат на новата влада“, но додава дека треба да им се постави прашањето „каде беа досега“.
Во меѓувреме, Вишото јавно обвинителство во Белград се откажа од кривичното гонење на деветтемина студенти уапсени по големиот антивладин протест кон крајот на јуни 2025 година, под обвинение дека подготвувале уривање на уставниот поредок и загрозување на безбедноста на Србија. Нивниот адвокат Александар Радојичиќ изјави дека сега е „време да се отвори прашањето за одговорноста“ и да се утврди „кој, како и зошто ги следел тие деца од јануари 2025 година“.
Воспоставувањето на новата власт ќе започне на 17 ноември со конститутивната седница на Собранието на Србија, по што ќе почне да тече рокот од 90 дена во кој пратениците треба да изберат влада. Паралелно со формирањето на парламентот и владата, тече и рокот за избор на претседател на државата. Претседателските избори по оставката на Вучиќ на 27 септември мора да се одржат најдоцна до 28 декември.
ноември 10, 2026


