Connect with us

Култура

Премиера на „Татко“ и ново издание на Шекспир фестивал во битолскиот театар

Ансамблот на Народен театар Битола утревечер на матичната сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Татко“ од Август Стриндберг во режија на Благој Мицевски, а од 14 до 22 ноември ќе биде домаќин на новото издание на Битола Шекспир фестивал.

На прес-конференција во Битола, директорот Васко Мавровски истакна дека со претставата „Татко“ се заокружува празничната програма на Општина Битола посветена на денот на ослободувањето на градот 4 Ноември, а со Битола Шекспир фестивал ќе се одбележи 14 ноември, денот на основањето на битолскиот театар.

Претставата „Татко“ е уште еден нов ролеркостер на емоции за еден од најзначајните текстови на Стриндберг во кој се прикажува распаѓање на едно семејство одвнатре. Очекувам дека претставата долго ќе се прикажува на нашата сцена. А, од 14 ноември почнува 12 издание на Битола Шекспир фестивал кое свечено ќе биде отворено со битолска премиера на претставата „Кориолан“ од Шекспир во режија на Џон Блондел, истакна Мавровски.

Годинава на Битола Шекспир фестивал ќе учествуваат ансамбли од Италија, Ерменија, Романија, Грузија и Малта, а во дополнителната програма ќе се одржи работилница и проекција на филм посветен на фестивалот со инсерти снимени во периодот на корона-вирусот, беше посочено на денешната прес-конференција во битолскиот театар.

Ad
Ad