Свет
Лидерот на кенискиот култ на судниот ден Пол Мекензи осуден на 200 години затвор
Лидерот на кенискиот култ на судниот ден пасторот Пол Мекензи, кој се поврзува со смртта на повеќе од 400 луѓе, денеска пред судот во Кенија е осуден на 200 години затвор за убиство на 191 лице.
Високиот суд во Момбаса му ја изрече оваа казна на Мекензи откако беше прогласен за виновен за убиство на 190 деца и едно возрасно лице, откако на своите следбеници им наредил да гладуваат до смрт за да се „сретнат со Исус“.
Судијката Дајана Кавеџа изјави дека Мекензи, лидер на „Меѓународната црква на добрите вести“, сноси „примарна кривична одговорност“ за преселувањето на своите следбеници на оддалечена локација и издавањето на наредбата за гладување до смрт.
Кавеџа рече дека 183 жртви починале од последици на гладување додека преостанатите осум случаи беа окарактеризирани како убиство со непосредно насилно дејствување. Таа оцени дека убиствата биле „ладнокрвни и однапред испланирани“ и ги одби тврдењата на некои обвинети дека губењето на нивните сопствени деца ја променило фактичката состојба дека учествувале во убиствата на голем број други деца.
Судијката истакна дека сторителите не се покајале за своите дела и дека изјавиле оти и самите се подготвени да постат до смрт.
За време на изрекувањето на пресудата Мекензи често се насмевнуваше и разговараше со својот помошник, пасторот Смарт Мвакалама, кој е осуден на 160 години затвор, јавија светските агенции.
Обвинителството бараше смртна казна за Мекензи и доживотни затворски казни за неговите соучесници. Мекензи се соочува и со обвиненија за тероризам, злоупотреба на деца и мачење пред уште два суда.
Тој е обвинет за убиства заедно со уште 28 негови следбеници, меѓу кои имаше чувари кои ги спроведувале неговите наредби за гладување како и гробари кои помагале во прикривањето на масовните гробници. Сите обвинети ја негираа вината, освен едно лице кое го призна злосторството и побара поблага казна.
Судот на 19 октомври ги прогласи сите 29 обвинети за виновни за убиството на 191 лице.
Мекензи во 2003 година ја основаше верската организација „Гуд њуз интернешенел министрис“, која стануваше сè попопуларна привлекувајќи илјадници следбеници во своите ограноци ширум Кенија. Главниот центар на оваа заедница беше затворен во 2019 година, по што Мекензи се пресели во шумата Шакахола повикувајќи ги своите следбеници да тргнат по него.
Повеќе од 400 тела беа ексхумирани во 2023 година од плитки гробници на имотот „Чакама ранч“, со површина од 320 хектари, во крајбрежниот округ Килифи, каде што Мекензи и неговите следбеници живееле во колиби од кал. Досега се идентификувани повеќе од 60 тела.
ноември 7, 2026


