Connect with us

Свет

На брегот на Нов Зеланд насукани десетици китови

На јужниот брег на Северниот Остров на Нов Зеланд, десетици китови се пронајдени насукани, при што спасувачите се обидуваат да вратат неколку преживеани единки во морето, соопшти владиниот Оддел за зачувување на природата.

Надлежните работат во соработка со локално племе во областа Нгави и со здружението „Проект Џона“ (Project Jonah), специјализирано за спасување насукани китови; причината за насукувањето е непозната. Најмалку 20 китови се насукани долж брегот во близина на Кејп Палисер – најјужната точка на Северниот остров, извести агенцијата. Досега, два кита се успешно вратени во морето. Според наводите на „Радио Нов Зеланд“, тамошните жители пријавиле дека дури 50 китови се насукале на брегот во текот на ноќта; повеќето од нив угинале. Доброволците се обидуваат да ги одржат преживеаните во живот и да спречат дехидрација, користејќи кофи со вода и пешкири.

– Ужасно е. Оние што се сè уште живи, ги испуштаат последните здивови, изјави Роб Барг, жител на Нгави.

Во денешна објава на „Фејсбук“, „Проект Џона“ наведе дека четири кита се сè уште живи и дека спасувачите ќе се обидат да ги вратат во морето за време на плимата.

Насукувањето китови е релативно честа појава во Нов Зеланд и соседна Австралија, со оглед на тоа што големи популации на китови-пилоти (вид делфини) ги населуваат длабоките океани што ги опкружуваат овие островски држави. 

Ad
Ad