Свет
Изборната комисија на Израел ги проверува наводите за изборни измами и неправилности
Централната изборна комисија на Израел денеска соопшти дека ги проверува наводите на сите политички партии за можни изборни измами и неправилности, откако партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху побара истрага поради наводна широко распространета измама на изборите одржани вчера.
„Централната изборна комисија покрена постапка за проверка на интегритетот на изборниот процес, како што прави на сите избори, во чии рамки ќе бидат разгледани сите барања на партиите во врска со интегритетот на изборите или наводните грешки во резултатите“, се наведува во соопштението на комисијата, пренесува Тајмс оф Израел.
Ликуд претходно тврдеше дека изборите се „украдени“ во корист на арапските партии.
Комисијата наведе дека нејзиниот вршител на должност генерален директор Дин Ливне уште на 25 октомври, два дена пред изборите, ги известил сите изборни листи за процедурата и ги повикал да достават податоци за избирачките места за кои сметаат дека резултатите треба дополнително да се проверат.
„Комисијата го прими барањето на Ликуд и го разгледува во рамките на оваа постапка“, се вели во соопштението.
Наводите за неправилности следуваа по рекордната излезност на арапските избирачи, додека се очекува арапските партии Раам и Заедничката листа заедно да освојат рекордни 19 мандати.
Врз основа на 85 отсто од преброените гласови, блокот на Нетанјаху освои 53 мандати, коалицијата предводена од лидерот на Јашар, Гади Ајзенкот 48, а арапските партии 19 во Кнесетот кој брои 120 пратеници.
октомври 29, 2026


