Connect with us

Вести

Интегритетот се учи, ја јакнеме воспитната функција на образованието, вели Јаневска

Образованието има важна улога не само во стекнувањето знаења, туку и во градењето вредности, лична одговорност и интегритет кај младите. Преку секојдневната работа во училиштата, објективното оценување, еднаквите можности за сите ученици и поттикнувањето на критичкото размислување, младите учат да ја препознаваат неправдата и да се спротивставуваат на корупцијата.

Ова го нагласи министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на Националниот форум „Млади за интегритет – од гласот на младите до институционални промени“, организиран во рамки на завршниот настан на проектот „Млади за интегритет: проширување на младинските антикорупциски активности“, реализиран од тинк-тенк организацијата „Аналитика“ со финансиска поддршка од Германското сојузно министерство за надворешни работи.

Министерката изрази благодарност до тимот на „Аналитика“ за посветеноста и ангажманот на проектот, како и до наставниците и професорите, кои преку својата работа и личен пример придонесуваат младите да развиваат чувство за правичност, одговорност и почитување на правилата.

– Секој наставник што објективно ги оценува учениците, без фаворизирање и лични влијанија, придонесува за антикорупциското воспитување на младите. Кога училиштето им овозможува еднакви можности на сите ученици, им покажува дека успехот треба да зависи од знаењето, трудот и посветеноста, а не од врските и привилегиите – рече министерката.

Антикорупциското образование е вградено во воспитно-образовниот процес каде преку предметот граѓанско образование, учениците учат за своите права и обврски, функционирањето на институциите и за владеењето на правото, а содржини поврзани со интегритетот, одговорноста и спречувањето на корупцијата се обработуваат и во други предмети. Дополнително, како што беше истакнато, преку проекти и воннаставни активности учениците имаат можност подетално да се запознаат со овие прашања. Наставниците и професорите, преку обуки и професионално усовршување, ги надградуваат знаењата и вештините за да им помогнат на учениците да ги препознаат овие појави во секојдневниот живот.

Јаневска посочи дека е важно младите да не ја прифаќаат корупцијата како нормална и неизбежна појава, слушајќи го оправдувањето дека „така функционираат работите“.

– Не е доволно само да им кажеме на младите дека треба да бидат чесни. Неопходно е да покажеме дека корупцијата не се исплати, дека правилата важат за сите и дека во оваа држава може да се успее со знаење, труд и чесност. Само тогаш, повикот „Млади, останете овде!“ ќе има вистинска тежина – порача министерката.

Министерството за образование и наука, како што беше истакнато, ќе продолжи да поддржува активности за јакнење на вредносниот систем кај младите и за зајакнување на воспитната улога на образованието, во соработка со училиштата, наставниците и граѓанскиот сектор.

Ad
Ad