Вести
Јаневска: Студентите ќе имаат европски услови, за вториот семестар ќе биде отворен „Кузман“ – исто така прекрасен дом
Студентите ќе имаат навистина европски услови. Добиваат сериозни услови за да можат нормално да живаат и сметам дека оваа Влада што направи за студентите во 2,5 години, предходната не направи во седум години, нагласи денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање.
– Менито за студентите се прави според калориска вредност. Не знам колку, што, имаат за вечера. Инаку, 20 години не е покачена станарината, односно повторно субвенционира државата оној дел за сместувањето кој студентите треба да го дадат како дел за сместување во домовите. По 20 години, во реновираните студентски домови, да, ќе биде покачена цената на сместувањето. Тоа е забелешка и од ревизијата, државната ревизија која вели дека студентските домови со таква партиципација не можат да опстојат. Притоа, досега од партиципацијата се плаќаше одржувањето на домовите, режијата, храната, сместувањето, сè и платите. Министерството ги презема платите на вработените од партиципацијата и дел од партиципацијата, оти не може само со 6.600 денари да опстојат домовите – рече министерката Јаневска.
Таа нагласи дека тие се доведени во ваква ситуација затоа што никој не водел сметка за тоа и навистина имаат проблеми.
– Оттука, сметам дека е чесно ако се прилагодуваме на инфлацијата во сè, да се прилагодиме во инфлацијата и на тоа, иако ако реално гледаме, станарината да не партиципира државата, односно партиципипацијата за студентските домови, тоа го нареков станарина, би била двојно или тројно поголема. Оттука сметам дека сега ќе имаат навистина европски услови. За вториот семестар ќе биде отворен „Кузман“, тој е, исто така, прекрасен дом. Ние постојано надгледуваме како се движат работите, градежни и сите останати и таму што треба и во тој дом – информираше Јаневска.
Таа истакна дека добиваат сериозни услови за да можат нормално да живаат, истакнувајќи дека веќе нема бубашваби и глувци по студентски домови.
– Сега го нема тоа. Сега имаат струја, имаат парно, имаат храна, имаат пристојни услови, меѓутоа во две години – толку се може. Есенва почнуваме реконструкција на втор лот на нови три студентски домови и веројатно, напролет, на сите останати други студентски домови. Така да, полека-полека ги доведуваме работите во ред – соопшти министерката.
Таа беше прашана за руинирани соби во студентскиот дом „Стив Наумов“ и дали се констатирало кој ги оштетил, како и дали се казнети лицата.
– Не би рекла дека се руинирани соби, имаше некакви непријатности, да, од невнимание на студентите. Во договор со директорот, им рековме дека треба да ги потсетат студентите на куќниот ред. Предвидени се казни, предвидени се опомени за првата грешка, а после тоа – казни до бркање од студентскиот дом, односно – забрана за престој во студентски дом. И мислам дека нашите студенти мора да бидат свесни дека општото добро што државата го гради за нив – тие ќе мора поинаку да го гледаат отколку досега, односно ќе треба да водат грижа, затоа што тоа е од нив за нив – одговори Јаневска.
Таа истакна дека нивните родители плаќаат даноци за тие да имаат убави услови во кои што ќе живеат.
Министерката упати апел до студентите да се однесуваат одговорно кон заедничкиот имот, нагласувајќи дека државата вложува средства за да им обезбеди пристојни услови за живот и дека тие треба да придонесат во нивното зачувување.
– Апел до студентите, кога ќе вклучат микробранова да стојат до неа, да не се качуваат на радијаторите, а влажните мрамчиња не се разградливи… Ќе ги преземеме сите неопходни мерки за да го зачуваме тоа што го градиме заедно со нив, се разбира. Не би сакала да генерализирам, има многу совесни студенти кои знаат каде се наоѓаат и кои со одговорност се однесуваат кон сè што се наоѓа во студентскиот дом. Ова ќе го сметаме за инцидент во првиот момент, а понатаму, ќе си ја преземат одговорноста – додаде министерката за образование и наука.
октомври 28, 2026


