Connect with us

Забава

Кунг-фу и таи-чи како вештини и пат кон спокојство, физичка сила и себеоткривање

Во планините Вуданг во средишна Кина, Академијата за боречки вештини на мајсторот Јуан Шимао подучува кунг-фу и таи-чи како пат кон спокојство, физичка сила и себеоткривање. Шимао, кој го основал училиштето во 2004 година, вели дека како млад борач ги сфаќал боречките вештини преку ударите, брзината и силата. Подоцна, го прифатил таоистичкиот пристап познат како „влегување во Дао“, во којшто физичкиот тренинг е поврзан со внатрешниот мир.

Јуан почнал да вежба боречки вештини во 1980-тите, првично преку бокс и кинескиот боречки спорт санда. Откако слушнал за Вуданг и прочитал дека таоистичките практики би можеле да му помогнат со реуматизмот, се преселил во планините, ги открил таоистичките храмови и ги прифатил практиките како што е медитацијата во стоечка положба. Тој денес води три програми во Академијата – петгодишен курс за обука по боречки вештини, програма за здравје и благосостојба за возрасни и летен камп за деца. Тренинзите почнуваат уште во 6 часот наутро и, покрај основите и специфичните вежби за боречки вештини, вклучуваат и теоретска настава и медитација.

– Со години тренирав без да постигнам доволно смиреност за да погледнам во себе. Но, како што постепено се смирувате, почнувате да разбирате што подразбираат светите текстови под поимот „дух“… Така, одново може да се откривате себеси, изјави мајсторот.

Меѓу учениците е Гуо Синји, која почнала да тренира со Јуан пред пет години, како и Џејк Пиник од САД, кој пристигнал во Вуданг на 20-годишна возраст, а 16 години подоцна го смета ова место за свој дом. Пиник, во меѓувреме, стана мајстор по боречки вештини, па отвори и сопствено училиште.

– Дојдов овде поради боречките вештини, но останав поради цела оваа филозофија, појасни Американецот.

Вуданг е значаен таоистички центар чие значење еволуирало низ вековите. Шу Ченгхаи, директор за општествено образование во Музејот Вуданг, изјави дека таоизмот не се развил во колективна религиозна вера сè до периодот по династиите Ќин и Хан, додека пак местоположбата на планината меѓу древните политички центри овозможувала и самотен живот, и поврзаност со населените места.