Забава
„Пандора“ ја отвори најголемата фабрика за накит во светот во Виетнам
Данскиот производител на накит „Пандора“ денеска отвори фабрика вредна 150 милиони долари во Хо Ши Мин, Виетнам – и тоа е нејзиниот најголем производствен погон, а прв вон Тајланд.
Досега, „Пандора“ го вршеше целото производство во Тајланд, каде што управува со три фабрики. Минатата година компанијата продаде 112 милиони парчиња накит. Фабриката, којашто е четврта производна локација на компанијата во светот, ќе го зголеми вкупниот производствен капацитет на „Пандора“ за приближно 50 отсто – штом ќе почне целосно со работа, се очекува да вработи 7.000 работници и да произведува до 60 милиони парчиња накит годишно. Извршната директорка на компанијата, Берта де Паблос-Барбие изјави дека Виетнам првично ќе учествува со околу 15 отсто во производствениот капацитет на светско ниво.
– Се очекува тој удел да се зголеми на една третина до 2030 година… Овој погон го градиме за следната деценија, а не за следното тримесечје, рече Де Паблос-Барбие, одговарајќи на прашање во врска со трговските неизвесности.
Новата фабрика ќе игра клучна улога во проширувањето на производството на накит обложен со платина, бидејќи компанијата се стреми да ја намали зависноста од сребро и изложеноста на флуктуациите на цената на среброто. Производствениот погон е изграден на 7,5 хектари во рамките на деловен и производствен центар во Хо Ши Мин и е дизајнирана да ја задоволи побарувачката на светско ниво. Де Паблос-Барбие наведе дека Виетнам е избран поради квалификуваната работна сила, традицијата во изработката на накит, инфраструктурата и деловното опкружување.
Објектот го има добиено сертификатот „ЛЕЕД Голд“ и ќе работи исклучиво на електрична енергија од обновливи извори. Среброто и златото што се користат во фабриката ќе се рециклираат, а компанијата, исто така, размислува за производство на сончева енергија во рамки на комплексот.
октомври 1, 2026
