Забава
„Тиндер“ воведува групно дружење за да го запре падот на бројот на корисници
Платформата за запознавање „Тиндер“, со седиште во САД и во сопственост на „Меч груп (Match Group)“, воведува нова функција што им овозможува на корисниците да се запознаваат и да организираат групни излегувања, со цел да ги привлече помладите генерации и да го запре трендот на опаѓање на бројот корисници. Функцијата, наречена „Групни дружења (Group Hangouts)“, му овозможува на корисникот прво да избере активност, а потоа да покани најмалку двајца пријатели да му се придружат, пренесува „Тек-кранч (TechCrunch)“.
Откако групата ќе има најмалку тројца членови, нејзиниот профил може да се појави меѓу профилите на „Тиндер“ што се видливи за други групи. На пример, тројца пријатели можат да креираат група за излегување на куглање, потоа да најдат друга група заинтересирана за слична активност и „да ја лајкнат“, т.е. да ја означат со „допаѓање“. Доколку барем еден член од секоја група возврати на истиот начин, двете групи се поврзуваат во заеднички разговор (чет) каде што можат да договорат средба. Со ова, „Тиндер“ се обидува да го промени традиционалниот модел на апликации за запознавање, каде што поединецот обично бесконечно ги разгледува профилите на други луѓе – кон пристап во каде што дружењето почнува како групно излегување со пријатели, ослободен од притисокот на класичниот состанок „еден на еден“…
Корисниците можат да го напуштат заедничкиот разговор без да ја напуштат сопствената група пријатели, а исто така, може да блокираат или пријават друг учесник доколку интеракцијата стане непријатна. Новата функција постепено се воведува во САД и на одредени други пазари, со планови за проширување и во други земји.
Оваа нова стратегија доаѓа во момент кога „Тиндер“ се обидува да го запре падот на својата корисничка база. Во второто тримесечје од 2026 година, компанијата остварила приход од приближно 457 милиони долари – што претставува пад од еден отсто на годишно ниво. Додека пак, оперативната добивка изнесува 210,9 милиони долари, што е намалување од три отсто. Бројот на дневни активни корисници опаднал за четири отсто, иако тоа претставувало најмал пад на годишно ниво во последните 10 тримесечја.
октомври 1, 2026
