Забава
Швајцарските глечери претрпеа „катастрофална“ година на загуба на мраз
Глечерите на Швајцарските Алпи имаа „катастрофална“ година поради интензивните горештини и слабите врнежи на снег, соопштија денеска научниците, пренесе ДПА:
Мрежата за мониторинг на швајцарските глечери (GLAMOS) соопшти дека волуменот на глечерите оваа година се намалил за повеќе од 5 проценти, што е втора најголема загуба на волумен од 1950 година наваму.
„Интензивните топлотни бранови од мај до септември, во комбинација со зима со малку снег, доведоа до уште една катастрофална година за глечерите“, соопшти GLAMOS.
Во последните пет години, волуменот на мразот во Швајцарија се намалил за речиси 20 проценти, наведува организацијата.
Дебелината на снежната покривка во текот на зимската сезона била далеку под повеќегодишниот просек поради ниското ниво на врнежи, наведува GLAMOS.
Секој месец од мај до септември беше одбележан со сушни услови и најмалку еден топлотен бран. Во текот на овие месеци, границата на замрзнување била над 4.000 метри во рекордни 76 дена – што е повеќе од двојно над просекот.
Заштитната снежна покривка на глечерите делумно исчезнала за време на топлотните бранови во јуни, се наведува во извештајот. До септември, снег не останал ниту на 3.500 метри надморска височина.
„Алпските глечери немаат шанси долгорочно да преживеат под вакви услови“, соопшти GLAMOS.
Помеѓу јули и септември, глечерите изгубиле вкупно околу 2.200 милијарди литри вода, што е четири пати повеќе од годишната потрошувачка на вода за пиење на сите швајцарски домаќинства.
октомври 1, 2026
