Свет
Папата Лав XIV пристигна во четиридневна посета на Франција: Во фокусот се единството на Црквата и пораката за мир
„Единството на Црквата“ и „братството во светот“ се двете главни цели на првата четиридневна апостолска посета на папата Лав XIV на Франција, изјави денеска поглаварот на француската католичка епископија, кардиналот Жан-Марк Авелин.
— Ќе видиме како ќе се остварат, но во секој случај токму тоа го очекувам, изјави кардиналот Авелин за радиото „РСФ Нотр Дам“.
Папата Лав XIV денеска пристигна во Париз, што е прва станица од неговата долгоочекувана апостолска турнеја низ Франција, која ќе трае до 28 септември и ќе ги опфати и Лурд и Мец.
Авионот со кој патуваше поглаварот на Римокатоличката црква слета на парискиот аеродром Орли, каде што го пречека францускиот претседател Емануел Макрон, а по повод неговото пристигнување, камбаните на црквите низ земјата биеја седум минути.
Во рамки на денешната богата агенда, папата ќе ја посети Елисејската палата на разговор со Макрон, а потоа ќе им се обрати и на претставниците на француските власти, граѓанското општество и дипломатскиот кор. Попладне ќе го посети седиштето на УНЕСКО, каде што исто така е предвидено негово обраќање.
Во 16 часот е предвидено папата со папамобилот да помине од булеварот „Монпарнас“ до плоштадот „Сен Мишел“, по што ќе ја посети катедралата „Нотр Дам“, каде што ќе се одржи вечерна миса и ќе се сретне со верниците собрани на плоштадот. Денешниот ден папата ќе го заврши со учество на бдението за млади (на возраст од 17 до 35 години) на стадионот „Стад де Франс“ во предградието Сен Дени.
За време на обраќањата во текот на посетата, предвидено е папата да се осврне на актуелни глобални теми, меѓу кои се вештачката интелигенција, миграциското прашање и борбата против сексуалното насилство.
— Ова не е државна посета, туку апостолско патување. Затоа целта е пасторална, нагласи кардиналот Авелин, изразувајќи благодарност до сите француски државни и безбедносни институции за беспрекорната соработка. Тој ја истакна способноста на папата да ги слуша мислењата на сите, додавајќи дека чувствува огромна радост поради посетата.
Епископот на Нантер, монсињор Матије Руже, за радиото „РМЦ“ истакна дека луѓето очекуваат порака на надеж, утеха и мир.
— Луѓето очекуваат порака на надеж, утеха, светлина и мир, затоа сигурен сум дека нè очекуваат многу интензивни и прекрасни моменти. Тој носи утеха која отвора перспективи за иднината, а овој папа не е човек што може да биде искористен од политиката и нема да дозволи да биде заведен, увери монсињор Руже.
септември 25, 2026
