Свет
Интензивни подготовки до последен детал за претстојната посета на папата Лав XIV на Франција
Посетата на папата Лав XIV на Франција, како и секое папско патување, наметнува милиметарски прецизни подготовки – папамобил, претходница, итни медицински протоколи, како и усогласување на дипломатијата, политиката, верата и безбедноста, пишуваат француските медиуми.
Папата Лав XIV ќе биде во Франција од 25 до 28 септември, а за него ќе се грижат 15 илјади припадници на безбедносните сили.
Папата за време на четиридневната посета ќе се сретне со жртви на злоупотреба, ќе им се обрати на француските и европските лидери и на УНЕСКО.
„Посетата на папата Лав на Франција предизвика вистински бран на интерес“, премнесуваат медиумите изјава на пензионираниот француски бискуп, Марк Стенгер. Присуство на отворената миса во близина на Елисејските полиња пријавиле 600 илјади верници.
Освен Париз, Лав ќе го посети и маријанското светилиште во Лурд, како и Мец, градче на границата со Германија, родното место на Робер Шуман, еден од основачите на Европската Унија.
Првиот папа Американец таму ќе одржи говор за „корените на Европа за мир и единство“, настан на кој францускиот претседател, Емануел Макрон, ги поканил лидерите на сите земји-членки на ЕУ.
Иако подготовките се предмет на постојана комуникација меѓу Светата столица и Елисејската палата, првата папска посета на Париз од 2008 година почнала да се договара зад сцената многу порано од нејзиното официјално објавување.
Француските медиуми пренесуваат изјава на претставник на ВАтикан кој вели дека по официјалната покана, изборот на папската дестинација се разгледува „од случај до случај“, врз основа на „низа критериуми, како пасторални така и политички“, што е сложен процес тесно поврзан со меѓународниот контекст.
Светата Столица ги разгледува факторите како геополитичките тензии, состојбата во локалната црква и историјата на претходните посети, но секој папа остава свој печат во согласност со своите приоритети, рекол истиот извор.
Папата Јован Павле Втори често патувал во земјите од Источниот блок за да го „осудува комунизмот“. Папата Франциск им давал предност на „перифериите“ на Католичката црква, со неочекувани дестинации како Ирак, Монголија и Папуа Нова Гвинеја, додека Лав се чини дека е фокусиран на улогата на Европа и големите меѓународни институции, проценуваат француските медиуми.
Бидејќи Ватикан нема официјален авион, за патувањата изнајмува комерцијален авион на италијанскиот национален авиопревозник „ИТА ервејс“, поранешна „Алиталија“.
Повратниот лет по правило му се доверува на авиопревозникот на земјата-домаќин.
Хиерархијата во авионот е непроменлива: папата е на седиштето 1А, на предната лева страна во кабината, свртено кон икона на Богородица. Покрај него, на седиштата со грбот на Светата Столица, се наоѓа делегација составена од неговите најблиски соработници: кардинали, лични секретари и лекари.
Ги штитат околу 40 припадници на Ватиканската жандармерија и на Швајцарската гарда, а во задниот дел на авионот се сместени и 80 акредитирани новинари, фотографи и сниматели. Медиумските куќи сами ги финансираат билетите за известувачите, што обично чини неколку илјади евра.
Папата при враќањето одржува еден од највнимателно следените медиумски настапи – прес-конференција на височина од десет илјади метри, во кабината исполнета со камери, микрофони и стативи.
Освен личните работи на папата и неговите говори напишани неколку недели однапред, авионот превезува запечатени ковчези со литургиски предмети и десетици официјални подароци наменети за шефови на држави и функционери.
Инаку, Папата по пристигнувањето е под строга придружба. Со својот двоен статус на шеф на држава и поглавар на 1,4 милијарди католици, тој е една од најизложените личности во светот.
„Од безбедносен аспект, за нас ова е исклучително чувствително бидејќи програмата може да се промени во последен момент“, открил извор од ватиканската безбедносна служба. „Сè мора да биде милиметарски прецизно, речиси во секунда“.
Франциск им задавал значителни главоболки на безбедносните служби за време на високоризичната посета на Централноафриканската Република во 2015 година, а потоа и на Ирак во 2021 година, каде подоцна открил дека избегнал два обиди за атентат.
Папамобилот, препознатливото бело возило, се доставува однапред и често е придружуван со резервно возило за да може да се реагира на каква било промена во последен момент.
За итни случаи, медицинскиот тим со себе носи резерви од крв од крвната група на папата, а во најблиската болница се обезбедува цел апартман што мора да биде подготвен 24 часа дневно.
септември 23, 2026
