Connect with us

Регион

Во опасност да исчезне петтото најголемо природно езеро во Грција

Езерото Коронија во близина на Солун е во опасност да пресуши и да исчезне со оглед на тоа што неговата водна површина е намалена за речиси 94 отсто во однос на првобитната површина, а ова намалување е драматично во последните три години, пишува порталот „Метео“ на метеоролошката служба на Националната опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.

Според официјалните податоци што ги пренесува „Метео“, езерото било петтото најголемо природно езеро во Грција, со површина од 42,8 квадратни километри, што се потврдува и со анализа на сателитската снимка од 20 август 1984 година, но со текот на годините водната површина почнала да се намалува. 

Ова го потврдуваат и сателитските снимки од европскиот сателит Sentinel-2 во рамките на програмата „Коперникус“, што ги објавува „Метео“, а на кои е прикажана промената на водната површина на езерото од 2016 година до денес.

Пред десет години водната површина на езерото била 34,4 квадратни километри, што претставува намалување од речиси 20 отсто во однос на првобитната површина, а во последните три години, пак, намалувањето е драматично: површината се намалила на 29,8 квадратни километри во 2024 година, на 17,9 квадратни километри во 2025 година, за да достигне речиси 2,7 квадратни километри на најновата сателитска снимка од 2026 година.

– Еколошката деградација и намалувањето на езерото почнале уште пред неколку децении, а иако по интервенциите на властите, ситуација со езерото привремено се подобри и достигна релативно задоволително ниво, сепак во последните години проблемот повторно се појави, при што намалувањето на езерото претставува закана за флората и фауната во регионот. Овој развој ја нагласува потребата од систематско следење на состојбата на езерото и ефикасно управување со неговите водни ресурси, со цел негова заштита и долгорочна обнова – пишува „Метео“.