Connect with us

Свет

Кошта, Фон дер Лајен и Руте го поздравија договорот за Гренланд

Европските лидери и челникот на НАТО денеска го поздравија новиот безбедносен договор меѓу САД, Данска и Гренланд, посочувајќи дека со него дополнително се зајакнуваат безбедноста и одвраќањето на Арктикот и во Северниот Атлантик.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, го оцени договорот како позитивен чекор за трансатлантската соработка.

„Им честитам на премиерката Фредериксен и на премиерот Нилсен од Гренланд за постигнатиот договор со САД за зајакнување на безбедноста на Арктикот и во Северниот Атлантик. Договорот се темели врз почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и правото на народот на Гренланд на самоопределување. ЕУ е подготвена да продолжи тесно да соработува со Гренланд, Данска и со нашите трансатлантски партнери за мирен, безбеден и просперитетен Арктик“, напиша Кошта на платформата Икс.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така го поздрави договорот, истакнувајќи дека нејзината неодамнешна посета на Гренланд ја потврдила стратешката важност на регионот и дека со загрижувачките предизвици мора да се соочат колективно.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, нагласи дека договорот претставува клучен чекор за трансатлантската безбедност.

„Одлично е што договорот денеска го потпишаа САД, Данска и Гренланд. Знаеме со какви закани се соочуваме, а поголемата безбедност на Арктикот и во Северниот Атлантик е од суштинско значење и за Европа и за Северна Америка. Овој договор, заедно со зголемената улога на НАТО во обезбедувањето на овој витален регион, ја зајакнува нашата колективна безбедност и придонесува за побезбедна и постабилна иднина за сите нас“, изјави Руте.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц оценува дека со овој чекор се зајакнува соработката во рамките на Алијансата и безбедноста на Далечниот Север.

На церемонијата на потпишувањето, одржана на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, данската премиерка Мете Фредериксен го нарече договорот „пресвртница“ во долгогодишната безбедносна соработка.

Договорот го изменува и дополнува Договорот за одбрана на Гренланд од 1951 година и нема рок на истекување. Со него САД ќе добијат поголем воен пристап до Гренланд и можност да воспостават нови одбранбени области.

Договорот следи откако американскиот претседател Доналд Трамп во повеќе наврати изрази желба да преземе контрола врз Гренланд од стратешки причини, посочувајќи на зголеменото присуство на Кина и Русија во арктичкиот регион.