Свет
Лула да Силва: Дипломатијата е единствениот пат, на бојното поле нема победници
Претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, во обраќањето на Генералната дебата на 81-то заседание на Генералното собрание на Обединетите Нации, порача дека Бразил не ја потценува заканата што ја претставува организираниот криминал и дека е подготвен за борба против криминалните групи кои оперираат во земјата и преку границите.
Лула истакна дека на Бразил му е потребна меѓународна соработка, а не надворешен надзор.
– Не ни требаат носачи на авиони за да патролираат во нашите води. Ни треба соработка што ќе го запре протокот на оружје и парите кои го поттикнуваат криминалот – рече Лула, додавајќи дека таа порака му ја пренел на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој наведе дека во Манаус е основан Меѓународен центар за полициска соработка за Амазонија, кој ги обединува органите за јавна безбедност од девет земји од амазонскиот регион, како и дека Бразил во 2023 година ја спроведе најголемата операција против организираниот криминал во својата историја.
Лула исто така рече дека Бразил усвои закон против криминалните фракции со кој се воведени построги казни за организираниот криминал отколку за тероризмот, со порака дека борбата против корупцијата ќе остане „бескомпромисна, без оглед на тоа кого го погодува“.
Претседателот на Бразил во обраќањето порача и дека дипломатијата е единствената опција за решавање на конфликтите, оценувајќи дека на бојното поле нема да има победници.
Лула рече дека иницијативите како Групата пријатели на мирот, која ја иницираа Бразил и Кина, покажуваат дека во меѓународната заедница постојат сили подготвени да работат на дијалог.
Говорејќи за Латинска Америка и Карибите, Лула рече дека Бразил не припаѓа во ничиј „двор“ и дека на регионот му се потребни партнери со позитивна развојна агенда.
Лула рече дека демократијата повторно е загрозена и дека земјите од регионот, кои поминаа низ искуството на авторитарните режими, мора да го чуваат владеењето на народната волја.
Говорејќи за Обединетите Нации, Лула рече дека го води „огорченост“, бидејќи ОН, како што наведе, не успеваат да исполнат една од своите најважни мисии – да го ослободат човештвото од војна.
Тој оцени дека кредибилитетот на ОН „никогаш не бил понизок“, додека нивната способност да ги заштитат најранливите „никогаш не била послаба“.
Според него, сите се „заложници на неактивноста на Советот за безбедност“, кој, според него, не успеа да ја исполни својата улога.
Лула говореше и за климатските промени, ги повика развиените земји да ги почитуваат своите обврски за финансирање на приспособувањето кон климатските промени и рече дека е „доста со ограбување“ и „доста со експлоатација“ кога станува збор за природните ресурси.
Лула рече дека Бразил истовремено настојува да го спои економскиот раст со намалувањето на емисиите и дека нема да се откаже од еколошката агенда. Тој наведе дека сечењето на шумите во Амазонија е преполовено и дека го достигнало најниското ниво во последните 11 години.
Тој ја истакна и иницијативата „Tropical Forest Forever“, иницирана на конференцијата КОП30 во Белем, како пример за можноста за промена на досегашните обрасци, со оценка дека шумата вреди повеќе кога е сочувана отколку кога е уништена. Лула порача дека Бразил ќе продолжи да го намалува сечењето на шумите.
Говорејќи за технологијата, тој рече дека е потребно да се регулираат големите технолошки компании и вештачката интелигенција и предупреди на, како што наведе, „дигитален ултралиберализам без правила и транспарентност“.
На крајот повтори дека Бразил не сака неговите природни ресурси да бидат експлоатирани без корист за бразилската држава и населението, и дека пристапот до минералите треба да биде поврзан со создавање вредност на територијата на Бразил, трансфер на технологија и снабдување на стратешките национални сектори.
септември 23, 2026
