Connect with us

Свет

Најмалку осум повредени во пукањето пред средно училиште во Турција, осомничениот напаѓач е уапсен

Најмалку осум лица се повредени утрово во пукањето во близина на средно училиште во западна Турција, објавија американските медиуми, повикувајќи се на официјални лица.

Осомничениот напаѓач е уапсен, се наведува во извештајот.

Нападот се случи пред средно стручно училиште во округот Тургутлу, во покраината Маниса, соопшти покраинската влада.

Полициски и медицински екипи веднаш се испратени на местото на настанот.

Повредените се однесени во болници на лекување, соопшти владата, без да даде информации за нивната состојба.Мотивот за нападот се истражува, се додава во соопштението.

„Осомничениот, за кој се верува дека пукал, бил приведен од безбедносните сили по инцидентот“, се додава во соопштението.

Пукањето се случило околу 8 часот наутро по локално време и мотивот за злосторството е нејасен.

Ројтерс претходно објави дека вооружениот напаѓач избегал, додавајќи дека двајца од ранетите се во критична состојба.

Информативниот канал Хабер Турк објави дека повредените во нападот веројатно биле ученици. Напаѓачот наводно пукал со пушка кон учениците што пристигнувале во училиштето.

Турција годинава беше потресена од две слични пукања во училишта.

Во април, 16 лица, претежно ученици, беа ранети откако поранешен ученик отвори оган во средно училиште во југоисточната покраина Шанлиурфа. Вооружениот напаѓач подоцна се самоуби.

Следниот ден, 14-годишен ученик отвори оган во две училници во неговото училиште во соседната покраина Кахраманмараш, убивајќи десет ученици и наставници и ранувајќи уште 13. Вооружениот напаѓач беше убиен од полицијата.