Свет
Постигнат е договор што ќе им овозможи на Ворнер и на Парамаунт да се спојат – со независност на Си-Ен-Ен
Обвинителите од 12 американски држави кои поднесоа тужби со намера да го спречат мега-спојувањето на Ворнер Брос.-Дискавери со Парамаунт-Скајденс (Warner Bros.-Discovery/ Paramount-Skydаnce) постигнаа договор, двете страни потврдија, а претставниците на Парамаунт очекуваат спојувањето да стапи на сила на почетокот на октомври.
Тоа мултимедијално спојување вредно 110 милијарди долари – што вклучува филмски студија, платформи за стриминг, кабелска телевизија и традиционални медиуми – се однесува и на американската телевизиска мрежа Си-Ен-Ен, што е дел од Ворнер Брос.
Лидерот на коалицијата обвинители, главниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, на прес-конференција во Лос Анџелес изјави дека коалицијата се согласила да дозволи постигнување на договорот откако ќе обезбеди концесии што треба да ја заштитат конкуренцијата во филмската и телевизиската индустрија.
Бонта прецизираше дека Парамаунт се согласил на задолжителна дистрибуција на 30 филмови годишно во кината, како и на „формирање независен комитет за уредување за поддршка на уредувачката независност на Си-Би-Ес Њуз и на Си-Ен-Ен.
Сепак според Бонта „овој договор не значи глас за поддршка на ова спојување“.
„Не мислам дека овие две компании треба да се спојат“, рече Бонта, додавајќи дека „тоа не е нешто на што сме фокусирани со ова наше решение овде“.
Договорот се уште не е потврден на суд.
Во времето на потпишувањето на договорот за купување на Ворнер Брос., Дејвид Елисон (шеф на Парамаунт) беше јавно обвинет дека му ветил на Трамп поповолно известување на Си-Ен-Ен ако стане сопственик на тој медиум. Шефовите на Парамаунт организираа приватна вечера за Трамп во април.
Спојувањето – едно од најголемите во историјата на САД – предизвика широка загриженост во Холивуд поради можни големи отпуштања.
Договорот вклучува заштита од филмови „генерирани од вештачка интелигенција“, а исто така предвидува инвестиција од 17,5 милиони долари во фондот на Здружението на сценаристи и забрана за отпуштање на сценаристи во Си-Би-Ес Њуз во следните пет години.
Парамаунт е сопственик на Си-Би-Ес и е критикуван за промената на уредничките политики на таа телевизија.
Парамаунт и Ворнер се меѓу најстарите холивудски студија
септември 22, 2026
