Connect with us

Општини

Охрид без автомобили во рамки на Европската недела на мобилност

Општина Охрид го прогласи утрешниот ден за „Ден без автомобили“, во рамки на Европската недела на мобилност што се одбележува од 21 до 27 септември. Годинашната тема е „Меѓугенерациска правичност“.

По тој повод, локалната самоуправа во соработка со СВР Охрид организира велосипедско дефиле по градските сообраќајници.

Дефилето ќе се одржи од 11 до 13 часот, со почеток од кеј „Македонија“, пред хотел „Палас“. Ќе продолжи по кејот „Македонија“, улицата „АСНОМ“ до пресекот со улицата „Партизанска“, а потоа по „Партизанска“ до пресекот со улицата „Кузман Јосифовски“ и ќе заврши на кеј „Македонија“, информираат од Општина Охрид.

Од Општината упатија повик до граѓаните масовно да се вклучат во акцијата и барем еден ден во годината да одат на работа без автомобил.

„Во вторник оставете го автомобилот дома и уживајте во возење велосипед, тротинет или пешачење, знаејќи дека ќе го направите вистинскиот потег за зачувување на чистиот воздух и чистата животна средина“, порачуваат од Општина Охрид.