Регион
Кандидатот за амбасадор на САД во Србија: Стабилност на регионот и спротиставување на влијанието на Русија и Кина
Кандидатот за амбасадор на САД во Белград, Мајкл Јанг, нагласи дека доколку Сенатот го одобри неговото назначување, тој ќе работи на намалување на влијанието на Русија и Кина во Србија и на продлабочување на соработката во областа на одбраната и безбедноста.
На сослушувањето пред Комитетот за надворешна политика на американскиот Сенат, кој гласа за номинацијата и испраќа препорака за избор до целиот Сенат, Јанг рече дека ќе се залага за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, пренесе Бета.
„Ќе ја охрабрам Србија да прифати политичка и економска иднина што ќе им користи на САД, а не на конкурентите како Русија и Кина. Ќе ја охрабрам Србија да промовира безбедност, стабилност и просперитет во целата област на Западен Балкан, вклучително и процесот на нормализација на односите со Косово“, рече Јанг.
Јанг, функционер во Стејт департментот за време на администрацијата на претседателот Џорџ В. Буш, исто така изјави дека ќе ја охрабри Србија да го искористи своето влијание во насока на одржување на стабилноста во регионот, особено во Босна и Херцеговина.
Тој исто така изјави дека постои голем потенцијал за американските компании во Србија.
„Ќе се погрижам американската индустрија да биде добро позиционирана за да го задоволи растечкиот интерес на Србија за задоволување на нејзините одбранбени потреби, користејќи американска опрема и соработувајќи со американската одбранбена индустрија“, додаде Јанг.
САД немаат амбасадор во Србија од јануари 2025 година, кога Кристофер Хил ја напушти таа позиција. Американскиот претседател Доналд Трамп го номинираше Марк Брновиќ за амбасадор во Србија во март 2025 година, но неговата кандидатура беше повлечена во октомври лани. Брновиќ почина во јануари оваа година.
септември 19, 2026
