Култура
Во Струмичкиот театар се одржа комеморација за актерката Тинка Ристеска
Со громогласен и долготраен аплауз, како и сеќавања на актери и режисери, денеска во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица се одржа комеморација за актерката Тинка Ристеска (1953–2026), која со своите 55 години актерска игра остави неизбришлива трага на сцената на овој театар.
Ристеска на само 16 години, во 1969 година, првпат застанала на сцената на Струмичкиот театар со улогата на Донка во претставата „Бегалка“. Од тој момент таа го започнала патувањето долго 55 години, во кое остварила повеќе од сто улоги и создаде ликови што трајно ќе останат во македонската театарска меморија.
– Кога зборуваме за институциите на културата, најчесто зборуваме за нивната историја, нивните продукции, програмите и резултатите. Но, зад секоја институција стојат луѓе. Луѓе кои со својата работа, талент и посветеност ја создаваат нејзината суштина. Тинка Ристеска беше еден од тие луѓе. Нејзиното присуство во театарот траеше повеќе од пет децении. Тоа е период во кој се менувале генерации, режисерски поетики, сценски услови и општествени околности, но нејзината посветеност кон актерската професија останала константна, истакна директорот на НУЦК „Антон Панов“, Драган Маџиров.
Раководителот на Струмичкиот театар, Ванчо Василев, подвлече дека за него како колега и актер, Тинка ќе остане поврзана со заедничките сцени, разговорите, нејзината непосредност и со искуството што го носела во работата.
-Со нејзиното заминување изгубивме актерка која беше присутна во создавањето на идентитетот на струмичкиот театар. Работеше со повеќе генерации актери, режисери и соработници и нејзината актерска кариера траеше цели 55 години. Нејзиниот придонес е дел од историјата на Театарот „Антон Панов“ и треба да остане забележан и достапен за генерациите што доаѓаат- рече Василев.
На комеморацијата говореа и актерите Бранко Бенинов, Јасмина Вучкова, Валентина Проданова (поранешна актерка), и Стојан Велков Трн, режисерот Јани Бојаџи, а писмото на режисерот Дејан Ангелов го прочита актерката Јулија Милкова.
Актерката Тинка Ристеска почина на 12 јули на 73 годишна возраст
септември 18, 2026
