Останати спортови
Балканско првенство во триатлон во Охрид
Повеќе од 350 натпреварувачи од 15 земји од Балканот и Европа ќе бидат дел од БТА Триатлон Балканското првенство што од денеска и во текот на наредните два дена ќе се одржува во Охрид.
Учесниците ќе се натпреваруваат во триатлон, атрактивен олимписки спорт што обединува три дисциплини и тоа последователно пливање, велосипедизам и трчање.
Центарот на случувањата ќе биде на „Бафало Бич“ во близина на Студенчишкиот канал, каде ќе биде поставена транзицијата, просторот во кој триатлонците преминуваат од една дисциплина во друга, а во тој дел од езерото ќе се одвива и пливачкиот дел од натпреварот.
Велосипедскиот дел од натпреварот ќе се одвива на долниот дел од патниот правец, од бул. „Св. Наум Охридски“ до Хотел „Инекс Олгица“. За безбедно и непречено одвивање на натпреварот, но и на сообраќајот денеска од 12:00 до 12:30 часот, утре од 08:15 до 17:15 часот и во недела од 08:15 до 13:15 часот, ќе има привремено пренасочување на возилата во горната коловозна лента.
Трчањето ќе се одвива по црвената велосипедскa патека од левата страна, започнувајќи од „Бафало Бич“, долж крајбрежјето, до спортско-рекреативниот терен.
Во текот на двата натпреварувачки дена ќе настапат најдобрите елитни триатлонци од Балканот и Европа, но и голем број на рекреативни натпреварувачи, штафетни тимови и млади триатлонци во различни возрасни категории.
Настанот е во организација на Македонската триатлон федерацијата, со локална поддршка од „Охрид Трчат“, а се одржува под покровителство на Министерството за спорт и Македонскиот олимписки комитет.
Покрај спортското значење, првенството ќе придонесе и за промоција на прекрасниот Охрид како спортско-туристичка дестинација, со голем број гости, тренери, официјални лица и посетители кои ќе престојуваат во градот.
јуни 13, 2026


