Connect with us

Свет

Најмалку 64 мртви и повеќе од 179 повредени во судирот меѓу двата воза во Шпанија, човечка грешка причина за трагедијата

Најмалку 64 лица загинаа, а повеќе од 179 се повредени во судирот на двата воза утрово во Урда, во покраината Толедо, на линијата Мадрид – Севилја – покажуваат најновите податоци од Службата за цивилна заштита во Кастилја-Ла Манча, објавени од шпанските медиуми.

Припадниците на Цивилната гарда на местото на железничката несреќа изјавија дека најмалку четири вагони се превртени, јавува шпанската „Антена 3“.

Портпаролот на Синдикатот на железниците во врска со судирот на два воза во Урда рече дека „можеме да зборуваме за десетици смртни случаи“.

Во изјава за „Антена 3“, портпаролката на регионалната влада на Кастилја-Ла Манча, Естер Падиља, потврди дека сите повредени се евакуирани од возовите и дека спасувачките екипи ќе продолжат да ги извлекуваат телата.

Шпанското Министерство за транспорт како првична хипотеза идентификува дека човечка грешка од страна на диспечерот на железничката инфраструктура е главна причина за катастрофата, пишува Еј-би-си, еден од највлијателните шпански дневни весници.

Според информациите од Министерството што ги обезбеди весникот, трагедијата се случила за време на поправка на дефект во сигналниот систем. Техничар од јавниот железнички оператор „Адиф“ работел на отстранување дефект во главниот сигнален систем и не успеал да го предупреди брзиот воз АВЕ дека има запрен воз на компанијата „Ирио“ на истата пруга директно пред него.

Тие дале наредба за тргнување иако другиот воз стоел на пругата.

Првичната полициска реконструкција покажува дека двата воза застанале во еден момент. Меѓутоа, операторот потоа дал одобрение и наредба возот АВЕ да тргне, без дури ни да го извести машиновозачот дека возот „Ирио“ сè уште стои на пругата пред него. Бидејќи сигнализацијата не ја завршила својата работа, АВЕ силно се удрил во задниот дел од запрениот воз, каде што два вагони биле згмечени и паднале на железничкиот насип.

„Адиф“ го прекина сообраќајот на брзите возови на линиите АВЕ во двата правци на линијата Мадрид – Андалузија.

Несреќата се случила во 8.30 часот утрово кога возот „АВЕ 2080“, што сообраќал од Мадрид до Севилја, се судрил со возот „Ирио 6076“ што бил пред него, предизвикувајќи излетување од шините на последните два вагони од возот на компанијата „Ирио“.

Адиф пријави „железничка несреќа на брзата линија помеѓу Лос Јебенес и Урда“ и најави прекин на сообраќајот помеѓу Мадрид, Сиудад Реал и Андалузија.

Компанијата „Ренфе“, од своја страна, соопшти дека прекинот на железничкиот сообраќај на линијата Мадрид – Андалузија е предизвикан од „судир помеѓу два воза“.

Во овој момент, ниту „Адиф“ ниту „Ренфе“ не дал дополнителни детали за околностите на несреќата или очекуваното продолжување на сообраќајот.

Во соопштението „Ренфе“ изрази жалење што „првите извештаи за несреќата укажуваат на смртни случаи и повредени. Во овој момент сите експерти на компанијата се фокусирани на обезбедување помош на жртвите и нивните семејства.

„Ирио“ исто така издаде соопштение во кое се вели дека „ги активирале сите протоколи за итни случаи, тесно соработувајќи со властите за управување со ситуацијата“.

Ad
Ad