Connect with us

Свет

Аргентина против британскиот нафтен проект кај Фолкландските Острови

Аргентина предушреди дека ќе преземе правни мерки против Обединетото Кралство доколку не биде запрен нафтениот проект во близина на Фолкландските Острови.

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј му даде на Обединетото Кралство рок од две недели да ги стопира работите на проектот „Си Лајон“.

„Во спротивно, Аргентина ќе побара од Меѓународниот трибунал за поморско право со седиште во Хамбург да нареди привремено запирање на проектот“, наведе Милеј во соопштение објавено на платформата „Икс“.

Проектот „Си Лајон“ во Северниот Фолкландски Басен се реализира врз основа на лиценци издадени од британските власти, за кои Аргентина смета дека се нелегитимни.

Архипелагот познат во Аргентина како Ислас Малвинас, е британска прекуморска територија од 1833 година, за која Буенос Аирес смета дека е аргентинско правно наследство од поранешната Шпанска колонијална империја.

Во 1982 година избувна воен конфликт околу малиот архипелаг во јужниот дел на Атлантскиот Океан, откако тогашната аргентинска воена хунта нареди окупација на островите.

Тогашната британска премиерка Маргарет Тачер одговори со испраќање илјадници војници со десетици воени бродови. Британските сили успеаја да ги вратат островите под своја контрола за 11 недели, при што загинаа стотици војници.