Свет
Волстрит џурнал: Руските компании се почесто сами ги заштитуваат објектите од беспилотни летала
Руски приватни компании се повеќе сами ја организираат заштитата на своите објекти од напади со украински беспилотни летала, вклучително и изнајмување системи за воздушна одбрана и ангажирање вооружени чувари, додека Москва ја префрли одговорноста за заштита на бизнисите од беспилотни летала на приватниот сектор, пишува денеска „Волстрит џурнал“.
Според американскиот весник, честите украински напади се повеќе влијаат врз работата на руските компании, кои ја менуваат организацијата на работењето и барањата за вработените, додека безбедносниот персонал, па дури и вработените во поштенските служби, исто така се вклучени во заштитата од беспилотни летала.
Според весникот, Кремљ минатиот месец со официјален декрет предупреди дека компаниите што не обезбедуваат заштита од украински беспилотни летала би можеле привремено да бидат ставени под државна контрола.
Тоа, според американскиот весник, дополнително ги охрабрило компаниите сами да инвестираат во системи за заштита.
Некои руски компании изнајмуваат системи за воздушна одбрана од одбранбени компании, додека други ангажираат инженери од воената индустрија за да развијат свои решенија.
Два извори блиски до руските бизнис кругови изјавија за весникот дека некои компании му плаќаат на Министерството за одбрана за изнајмување системи за воздушна одбрана, со дополнителни месечни надоместоци за инструктори кои ја одржуваат и ја следат нивната работа.
Други се одлучуваат за поевтина опција – ангажираат инженери од одбранбената индустрија кои развиваат свои системи, во некои случаи користејќи странски решенија како основа.
септември 26, 2026
