Свет
Вадефул предупреди на опасна ескалација на руската агресија во Европа
Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, синоќа предупреди на ескалација на руската агресија во Европа, јави ДПА.
„Руските хибридни напади врз оние што ја поддржуваат Украина и врз меѓународното право достигнаа ново ниво“, рече германскиот министер во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН во рамки на 81-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Тој се осврна на инцидентот со дрон на аеродромот Хале/Лајпциг на почетокот на август, посочувајќи дека Русија се обидела со дрон наполнет со експлозив да крене во воздух украински товарни авиони.
„Тоа не е изолиран пример за непромислената и опасна ескалација на агресијата од страна на Русија во Европа и не смееме да заборавиме дека последиците од војната во Украина што ја води Москва се чувствуваат низ целиот свет“, истакна министерот.
Вадефул изјави дека Русија „ја продлабочува прехранбената криза во светот“, бидејќи украинското жито не може да се извезува поради нападите на руските сили врз пристаништата.
„Конечно да излеземе од оваа спирала на уништување и насилство“, рече тој на седницата на Советот за безбедност на ОН.
Вадефул повторно повика на целосен и итен прекин на огнот во Украина, како и на размена на воени заробеници.
„Потребно е да се вратиме кон преговори во добра волја, засновани врз принципите на меѓународното право, кои ќе го отворат патот кон сеопфатен, праведен и траен мир“, нагласи германскиот министер за надворешни работи.
„Украина е подготвена. Ние, Европејците, сме подготвени, а Германија е подготвена да придонесе за мирното решение што итно ни е потребно“, заклучи тој.
септември 24, 2026
