Свет
Во Велика Британија ќе биде формирана единица за одбрана од руските дезинформации
Британскиот премиер Енди Барнам во говорот пред Генералното собрание на Обединети нации изјави дека наредил формирање на нова разузнавачка единица, за борба против руската информациска војна.
Новиот Национален центар за информациска одбрана ќе се спротивстави на онлајн лагите и така наречените лажни фотографии и видеа што им штетат на британските интереси, посочи Барнам.
Тој додаде дека Велика Британија и нејзините сојузници се соочуваат со „напади“ од непријателски држави, меѓу кои и Русија.
Барнам посочи и дека младите невработени луѓе се особено ранливи на дезинформациите кои ги шират руските активисти.
– Руските служби ги употребија сите средства што им беа на располагање за да шират лаги и дезинформации и да ги искористат стравовите на луѓето. Тие користеа ботови и лажни веб-страници. Лажираа новински написи. Фалсификуваа логоа на 28 британски организации, вклучувајќи еден универзитет и Би-би-си. Тие охрабрија крајно десничарски наративи, наведе Барнам.
Тој додаде дека Лондон има докази дека се обиделе да влијаат и врз изборите во 2019 година. Русија и претходно беше обвинета дека употребувала незаконски добиени документи за трговските разговори помеѓу САД и Велика Британија, обидувајќи се да влијае на изборите во 2019 година.
Барнам потенцира дека новата единица првично ќе ја предводи премиерот и владата, а новиот центар ќе соработува со разузнавачките и владините агенции, полицијата и компаниите за социјални медиуми.
– Кремљ годишно троши околу 1,7 милијарди долари за манипулација со информации. Зборуваме за подмолна кампања што допира до домовите на луѓето и го искривува она што го мислат за својата земја и нивната заедница, создавајќи наратив за пропаст, поттикнувајќи поделба и очај. Покрај тоа, видовме кибернапади врз нашите бизниси и институции. И знаеме дека вештачката интелигенција ќе ја зголеми таа закана, наведе британскиот премиер.
Барнам нагласи дека Велика Британија веќе им помага на другите земји кои се соочуваат со слични онлајн закани.
– Веќе ја поддржавме Молдавија да ги заштити своите избори од руско мешање. Како што се приближуваат повеќе избори низ Европа, сè повеќе земји се соочуваат со овие проблеми. Затоа сме подготвени да го споделиме нашето разбирање за тоа како функционираат овие актери и како можеме да одговориме бидејќи ова е клучно за нашата колективна безбедност и отпорност, наведе Барнам.
септември 23, 2026
