Свет
Стуб: Трамп се повеќе се фокусира на мировните преговори во Украина
Финскиот претседател Александар Стуб денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп се повеќе се фокусира на мировните напори во Украина.
Стуб во интервју за телевизијата Блумберг изјави дека посетите на претставниците на Трамп, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, како и на директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, на Москва и Киев покажуваат дека Трамп им дава простор да се вклучат во преговорите, што, според него, укажува дека американскиот претседател би можел да преземе позначајна улога во мировните преговори.
„Се очекува делумен прекин на огнот со доаѓањето на зимата“, рече Стуб, нагласувајќи дека таков договор би морал да биде меѓусебно обврзувачки.
Според неговиот предлог, ако Украина ги запре нападите врз руските нафтени објекти, Русија не треба да ја напаѓа енергетската инфраструктура и електроенергетскиот систем на Украина.
Трамп ја повика Украина да ги запре нападите врз руските нафтени објекти, додека францускиот претседател Емануел Макрон рече дека разговарал со Трамп за можен мораториум на напади врз енергетски објекти длабоко на територијата на противниците, и Русија и Украина.
септември 23, 2026
