Connect with us

Свет

Прево: Говорот на Трамп во ОН беше предизборна кампања

Шефот на белгиската дипломатија Максим Прево изјави дека говорот на американскиот претседател Доналд Трамп пред Генералното собрание на Обединети нации беше главно насочен кон среднорочните избори во САД.

Според Прево, Трамп уште еднаш демонстрирал светоглед „кој е целосно искривен и дијаметрално спротивен на нашиот“.

– Трамп мора да го погрешил состанокот бидејќи испрати основна порака, со која ја величи својата внатрешна политика. Претпоставувам дека мора да ги толкуваме пораките во контекст на претстојните среднорочни избори, пред кои тој очигледно сака да извлече што е можно повеќе капитал, наведе Прево.

Тој додаде и дека не било неочекувано Трамп повторно да ги нападне „климата, родовите прашања, миграцијата и меѓународните судски институции, кои мора да се борат против неказнивоста“ на воените злосторници и сторителите на злосторства против човештвото.

Прево се осврна и на изјавите на Трамп за мировните договори во Иран или Украина, посочувајќи оти „секако, би било идеално да се постигнат што е можно поскоро“.

Но, Доналд Трамп нè заведува со бројни мировни договори кои изгледаат ветувачки на хартија, но се далеку од тоа да се реализираат на терен, истакна Прево.