Connect with us

Свет

Трет смртен случај од маларија во близина на аеродромот во Франкфурт

Откако од маларија во Франкфурт почина и трето лице, градската здравствена служба дистрибуираше 5.000 летоци до жителите на округот Шванхајм, што се наоѓа во близина на аеродромот.

Граѓаните се предупредени преку флаери за симптомите на оваа тропска болест, првенствено висока температура и треска, и им беше советувано да користат мрежи за прозорци, спрејови против комарци и облека со долги ракави.

Последната жртва почина на 17 септември. Два дена претходно, на 15 септември, во Шванхајм беа регистрирани два случаи на инфекција, а еден од пациентите подоцна почина.

Ниту едно од овие лица не живеело во области каде што маларијата е честа појава, ниту работело на аеродромот. Пред тоа, во јули, шест вработени на аеродромот во Франкфурт беа заразени со маларија, од кои двајца починаа.

Претставник на градската здравствена служба објасни дека во Германија, за разлика од многу африкански земји, кај пациентите со висока температура веднаш не се става сомнеж за маларија.

Ова е особено проблематично со таканаречената „аеродромска маларија“, која се јавува кај луѓе кои не патувале во ризични зони или не работеле на аеродром.

Компанијата Фрапорт, која управува со аеродромот во Франкфурт, објави дека сите вработени се детално информирани за ситуацијата од август и дека им е препорачано веднаш да се јават на лекар доколку забележат симптоми.

Медицинските служби на аеродромот го следат развојот на ситуацијата и се во постојан контакт со градските власти.

Замки за комарци се поставени и околу аеродромот, а заробените инсекти се испраќаат на анализа во Институтот за тропска медицина во Антверпен за да се утврди нивниот вид и потекло.

Компанијата „Луфтханза“ соопшти дека во моментов не врши целно прскање на кабините на авионите со инсектициди, бидејќи нема посебна наредба од германските власти за таква дезинсекција.