Општини
Охрид викендов во знакот на „Охрид трчаТ“, над 2.700 учесници од триесетина земји
Во Охрид викендов ќе се одржува јубилејното десетто издание на спортско-рекреативната манифестација „Охрид трчаТ“, која ги обединува спортот, рекреацијата и промоцијата на здравите животни навики.
Во рамки на тридневната програма се предвидени повеќе спортски, едукативни и забавни содржини, а главните настани ќе се одржат в недела, кога ќе се трчаат полумаратонот на 21 километар, рекреативната трка на пет километри, штафетниот полумаратон и тим-билдинг трките.
Членот на Организацискиот одбор, Јоне Станкоски, истакна дека годинава манифестацијата бележи раст од над 20 проценти на бројот на учесници во споредба со лани.
– Особено радува фактот што повеќе од половина од учесниците на полумаратонот се странци, а околу 90 проценти од сите натпреварувачи не се од Охрид. „Охрид трчаТ“ одамна прерасна во настан што покрај спортската има и значајна туристичка и економска вредност за градот, рече Станкоски.
За годинашното издание досега се пријавени повеќе од 2.700 учесници од триесетина држави.
За безбедна и успешна организација ќе бидат ангажирани над 600 лица, меѓу кои волонтери, медицински тимови, судии, редари, полициски службеници и аниматори.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, оцени дека манифестацијата претставува гордост за градот и државата.
– „Охрид трчаТ“ не е само спортски настан, туку тридневно доживување кое преку спортот, културата и едукацијата го промовира Охрид, неговото природно и културно наследство, како и Македонија во целина, изјави Пецаков.
Поради одржувањето на трките, в недела од 8 до 12 часот дел од улиците во централното градско подрачје ќе бидат затворени за сообраќај. Организаторите апелираат до граѓаните, туристичките работници, такси-превозниците и дистрибутерите на стока да го почитуваат привремениот сообраќаен режим.
јуни 6, 2026


