Општини
Градскиот пливачки базен „Капри Пул“ во Велес ќе биде пуштен на 13 јуни
На Градскиот пливачки базен „Капри пул“ во Велес деновиве забрзано се прават последните подготовки за негово повторно ставање во функција за претстојното лето 2026. Базенот ќе биде отворен за посетителите идната сабота 13 јуни кога влезот е бесплатен, а ќе има и богата забава со ди-џеи. Во прилог на поголема безбедност на исправноста на водата за капење концесионерот набави и нов хлоринатор од Италија вреден 20 илјади евра, со кој автоматски ќе се регулира квалитетот на водата со контунуирано хлорирање на водата за капење, информира за МИА, концесионерот на базенот Ѓорѓи Василевски. Инаку базенот како и лани и годинава повторно е офарбан во сина боја, а денеска почна и пробно да се полни со вода.
Базенот ќе работи од 10 до 19 часот, а дневната цена за посетителите ќе биде ланската 150 денари, а во текот на неделата два пати ќе има и ноќно капење.
Инаку наутро од 9 часот и навечер по 19 часот ќе има и обука за непливачи кој ќе ја води искусниот инструктор за безбедност на вода Ангел Пановски. Тој воедно на 6 и 7 јуни ќе организира и курс за спасители на вода на базен, а најискусните кои ќе ја поминат обуката и го положат тестот ќе бидат избрани со нови спасители на базенот заедно со веќе искусните спасители. Тимот на спасители и оваа претстојно лето ќе работат на континуирано обезбедување на Градскиот пливачки базен во Велес.
Василевски информира дека се подготвува и нова кујна за брза храна, а како и лани ќе има освежителни напитоци, вода и слодолед и забава со музика.
Инаку за време на викендите, двапати месечно на базенот ќе има и вечерна забава со настап во живо на познати ѕвезди од македонската естрада и од регионот.
Влезот на Градскиот пливачки базен е ист како и лани само од страната на управната зграда на ЈКП „Дервен“ каде има и паркинг за возила.
Семејството Василевски од Скопје, Градскиот пливачки базен од Општина Велес го превзема лани на концесија во траење од пет години.
јуни 5, 2026