Општини
Хоџа од МЕФ 2026: Западен Балкан мора заеднички да ја предводи зелената транзиција
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска испрати силна порака за потребата од поинтензивна регионална соработка во справувањето со климатските предизвици, обраќајќи се на министерскиот панел „Пат кон COP31: Министерски дијалог Западен Балкан-Турција“, одржан во рамки на Македонскиот енергетски форум (МЕФ) 2026.
На панелот, коорганизиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, на кој учествуваа високи претставници од земјите од регионот, Хоџа нагласи дека климатските промени, енергетската сигурност и економската одржливост се предизвици што бараат заеднички одговор и координирано дејствување.
„Ниту една држава не може сама да се справи со климатските ризици. Нашите енергетски системи, инфраструктура и природни ресурси се поврзани, а тоа значи дека и решенијата мора да ги градиме заедно. Регионалната соработка не е избор, туку предуслов за успешна и праведна транзиција“, истакна Хоџа.
Тој потенцираше дека иницијативата „Road to COP31“ отвора значајна можност земјите од Западен Балкан да настапуваат поусогласено, да ги зајакнат партнерствата и да обезбедат подобар пристап до климатско финансирање и зелени инвестиции.
Според министерот, заедничките регионални проекти, размената на експертиза и усогласувањето на политиките ќе овозможат побрза имплементација на климатските мерки, пониски трошоци и поголема енергетска отпорност на регионот.
„Нашата цел не е само да ги следиме глобалните процеси, туку активно да придонесуваме во нивното обликување. Западен Балкан има потенцијал да стане пример за регионална климатска соработка и одржлив развој“, порача Хоџа.
Македонскиот енергетски форум 2026 се одржува како официјален партнерски настан на иницијативата „Road to COP31“ и претставува една од клучните регионални платформи за дијалог за климатските политики, енергетската транзиција и одржливиот развој.
јуни 2, 2026
