Општини
Борачот Лука Ананиев кој освои бронзен медал на Европското првенство во борење на прием кај штипскиот градоначалник
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов денеска организираше прием на Лука Ананиев, кој освои бронзен медал на Европското првенство во борење за борачи до 15 години, а што се одржа во Самоков, Бугарија. На средбата присуствуваа и Марио Ананиев, Зоран Шоров, како и тренерите и соработниците кои придонесуваат во развојот на младите спортисти.
Јорданов му го честиташе големиот успех на Лука Ананиев, кој е стипендист на Општина Штип во рамките на Правилникот за поддршка на успешни ученици спортисти, истакнувајќи дека ваквите млади таленти се иднината на македонското борење и спортот воопшто.
Тој нагласи дека овој значаен резултат претставува гордост не само за Штип, туку и за целата држава, бидејќи успехот на младите спортисти е најдобрата потврда за нивната посветеност, труд и истрајност. Јорданов на средбата рече и дека еден од приоритетите на општина Штип во наредниот период ќе биде понатамошното подобрување на условите во спортската инфраструктура и создавање подобри можности за работа и развој на спортистите, со цел остварување на уште поголеми успеси на домашната и меѓународната сцена.
јуни 2, 2026
