Општини
Димитриевски: Нема да се затвори подрачното училиште во Тромеѓа, информациите се дезинформации
Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски ги отфрла како шпекулации и невистини тврдењата за наводното затворање на подрачното училиште на ООУ „Христијан Карпош“ во кумановското село Тромеѓа.
– Сакаме да ја информираме јавноста дека станува збор за дезинформации без никаква основа, кои создадоа непотребна загриженост кај наставниот кадар, учениците и родителите. Бараме одговорно делување на граѓаните, кои споделуваат ваков вид информации и непроверени тврдења, што наидуваат на негодување во јавноста. Интензивно работиме за изнаоѓање решение, во време кога секаде во државата има намален број на ученици во руралните средини, а притоа следејќи го и процесот на оптимизација во основното образование, што е во тек во Македонија-објави Димитриевски.
Општина Куманово, како што наведува останува посветена во обезбедување квалитетни и соодветни услови за непречено одвивање на воспитно – образовниот процес во урбани и рурални средини.
-Само со отворена комуникација, меѓусебна доверба и соработка со граѓаните ќе успееме да ги сочуваме образовните капацитети, обезбедувајќи реални услови за образование за сите-пишува Димитриевски.
Жителите на Тромеѓа стравуваа дека училиштето старо повеќе од еден век ќе се затвори и додаваат дека во училиштето настава следат околу 60-тина ученици. Воедно, додаваат дека со години, наместо децата да се запишуваат во училиштето во своето место на живеење, голем дел се запишуваат во градските училишта. Тие повикуваат децата од околните населени места, приградски средини да се запишат во нивното училиште.
– Има голем училишен двор, игралиште, мирна средина и подобри услови за престој на децата. Наместо да се искористат овие предности и да се зачува училиштето, се предлага префрлање на учениците во Пуковско. Училиштето не е само зграда. Тоа е срцето на селото. Кога ќе се затвори училиштето, се губи уште една причина младите семејства да останат да живеат тука-наведуваат жителите.
јуни 2, 2026
