Connect with us

Вести

Мицкоски: Стратегијата за демографска отпорност 2026-2046 е национална рамка за иднината на државата

Дозволете ми најнапред да ви посакам искрено и срдечно добредојде во Скопје, град кој отсекогаш бил раскрсница на идеи, култури и визии за иднината. За нас претставува особена чест што денес сме домаќини на Втората регионална министерска конференција за демографска отпорност и што заедно со УНФПА, Советот на Европа, УНЕЦЕ и нашите меѓународни партнери отвораме еден исклучително важен дијалог за иднината на нашите општества.

Ова не е само уште една конференција. Ова е разговор за иднината на нашите народи. Разговор за тоа какви држави ќе оставиме позади нас. Разговор за тоа дали ќе создадеме општества во кои младите ќе сакаат да останат, семејствата ќе сакаат да создаваат иднина, а повозрасните ќе живеат достоинствено и сигурно.

Живееме во време на длабоки глобални промени. Светот се менува побрзо од кога било претходно. Климатските промени, технолошката револуција, дигиталната трансформација, новите економски модели и геополитичките предизвици веќе ја обликуваат новата реалност. Но, паралелно со сите тие процеси, постои уште една тивка, но суштинска трансформација, а тоа е демографската промена.

Таа не е веќе тема за академски анализи или статистички извештаи. Таа е реалност што секојдневно ја чувствуваме. Ја гледаме во испразнетите училници во одредени региони. Ја гледаме во недостигот на работната сила. Ја гледаме во сè поголемиот притисок врз пензиските и здравствените системи. Ја гледаме во заминувањето на луѓето, на младите луѓе кои својата иднина ја бараат надвор од татковината.

И токму затоа, денес сме овде — не за да зборуваме со страв, туку со одговорност. Не за да создаваме чувство на беспомошност, туку заеднички да изградиме визија за иднината.

Подолго време, многу држави, па и нашиот регион, на демографските промени гледаа исклучиво низ призма на бројки. Колку сме помалку. Колку старееме. Колку луѓе си заминуваат. И токму таа таканаречена демографска вознемиреност често создаваше политики кои реагираат доцна, фрагментирано и без долгорочна визија.

Но, суштината не е само во бројките. Суштината е во квалитетот на животот. Во довербата што граѓаните ја имаат кон сопствената држава. Во чувството дека тука можат да создадат дом, семејство, кариера и иднина.

Затоа денес мора искрено да признаеме дека најголемиот предизвик не е само демографската промена, туку јазот во демографската отпорност. Тоа е неспособноста на системите навреме да ги препознаат промените и да се адаптираат со мудри, инклузивни и долгорочни политики.

Тој јаз се чувствува низ целиот регион на Источна Европа, генерално Европа, би рекол, и Централна Азија. Некои држави се соочуваат со огромен раст на младо население и потреба од нови можности. Други пак, се соочуваат со стареење на населението, намалување на работоспособната популација и сериозен одлив на човечки капитал.

Ние не бегаме од таа реалност. Напротив. Ја признаваме отворено и одговорно.

Свесни сме дека нискиот наталитет, иселувањето и одливот на млади и образовани луѓе се прашања што не можат да се решат преку ноќ. Но, исто така сме свесни дека државата не смее да стои настрана и пасивно да ги набљудува процесите.

Нашата определба е јасна — наместо политика на страв, градиме политика на отпорност. Наместо краткорочни мерки, создаваме долгорочна стратегија. Наместо декларативни заложби, поставуваме системски решенија.

Токму затоа ја подготвивме новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046. Не како формален документ што ќе остане на хартија, туку како национална рамка за иднината на државата.

Оваа стратегија е изградена врз едноставна, но суштинска идеја — дека најголемата сила на една држава не се ресурсите, не се бројките, туку луѓето.

Таа не се темели на изолирани мерки и ад хок политики. Таа претставува сеопфатен пристап што ги поврзува економијата, образованието, здравството, трудот, социјалната политика, домувањето, дигиталната трансформација и регионалниот развој.

Нашата визија е да изградиме држава во која млад човек ќе има причина да остане. Во која семејствата ќе имаат сигурност. Во која жените ќе имаат еднакви можности. Во која стареењето нема да значи изолација, туку достоинствен и активен живот.

Патот до таа цел бара ангажман на целото општество и координиран пристап на целата Влада.

Прво, мора силно да инвестираме во човечкиот капитал. Без квалитетно образование, современи вештини и достапно здравство нема економија што може да биде конкурентна. Ниту пак држава што може да биде отпорна. Нашите луѓе мора да бидат подготвени за новата економија, за новите технологии и за пазарот на труд кој брзо се менува.

Второ, мора да ги зајакнеме семејствата и младите. Младите не смеат да ја доживуваат државата како место од кое треба да заминат за да успеат. Туку како место каде можат да ја реализираат својата иднина. Затоа потребни се политики што ќе овозможат подобар баланс помеѓу работата и семејниот живот, поддршка за младите родители, инвестиции во детска заштита, подобри услови за вработување и пристапно домување.

Трето, мора да создадеме вистински инклузивни општества. Не смееме да дозволиме ниту една категорија граѓани да остане на маргините. Жените, младите, лицата со попреченост, постарите граѓани — сите тие имаат огромен потенцијал што мора да биде препознаен и вклучен во економскиот и јавниот живот.

И четврто, мора да ја трансформираме миграцијата од загуба во можност. Нашата дијаспора е огромен потенцијал. Таа носи знаење, искуство, капитал и меѓународни врски. Наша задача е да создадеме услови тие луѓе повторно да ја видат татковината како место за живот, инвестиции и иднина. Наместо „одлив на мозоци“, мора да создадеме „прилив на знаење, идеи и искуство“.

Овие политики не можат да бидат одвоени една од друга. Тие мора да функционираат како еден заеднички систем. Само така ќе изградиме вистинска демографска отпорност.

Почитувани пријатели,

Предизвиците со кои се соочуваме не завршуваат на националните граници. Демографските промени се европско и глобално прашање. И затоа оваа конференција има исклучително значење.

Присуството на претставници од повеќе од 25 земји покажува дека постои свест дека никој не може сам да ги решава овие процеси. Потребна е соработка. Потребна е размена на знаење. Потребни се заеднички принципи и заедничка визија.

Денес имаме можност да испратиме важна порака — дека демографските промени не мора да значат слабеење на општествата. Ако постои визија, политичка волја и партнерство, тие можат да станат двигател за нов развој, поголема социјална кохезија и поодржлива иднина.

Верувам дека оваа конференција ќе донесе конкретни идеи, нови партнерства и силна политичка определба за ставање на човекот во центарот на секоја демографска политика.

Затоа ги охрабрувам сите учесници во следните два дена да разговараат отворено, храбро и визионерски. Да ги споделат и успесите но, и предизвиците. Да учиме едни од други. И да изградиме заеднички пристап кој ќе биде насочен кон луѓето, нивното достоинство и нивната иднина.

Бидејќи на крајот, силата на една држава не се мери само според економските показатели или институциите. Таа се мери според тоа колку верба имаат луѓето во својата иднина.

А нашата обврска како лидери е токму таа — да создадеме иднина во која луѓето ќе сакаат да останат, да создаваат, да работат, да основаат семејства и да сонуваат дома.

Да изградиме отпорни, праведни и инклузивни општества за сегашните и идните генерации.

И ќе завршам со една реченица којашто ја кажав вчера на состанокот којшто го имавме во Владата, конечно треба сите ние да си го поставиме прашањето дека што можеме ние да направиме за татковината, а не татковината за нас. 

Не можеме ние континуирано да го трошиме системот, не можеме континуирано да го злоупотребуваме системот и да бараме тој ист систем да ни враќа со најдобри политики, со најдобри услуги. Мораме да сме свесни дека системот сме ние, и каков систем ќе изградиме, така тој систем нас ќе ни врати.      

Не можеме да бараме времена работа некаде во некои туристички земји, да контрибуираме во таа локална економија неколку месеци во годината и да плаќаме таму даноци, а да бараме од нашиот здравствен систем овдека бесплатно здравствено осигурување и да живееме со критика кон тој истиот систем којшто ние истите го измачуваме и го истрошуваме. 

Не можеме ние да пишуваме прекувремени работни саати коишто не сме ги заслужиле и да го трошиме тој ист буџет којшто треба да го финансира тој систем, којшто на нас треба да ни врати. 

Тоа не е фер. Треба да контрибуираме во домашната економија и да го градиме домашниот систем, ако сакаме истиот тој систем да ни врати. Ако не, ќе се соочиме со оваа болна и тажна реалност. 

Затоа мојата порака до младите, коишто мислат дека неколку месеци некаде во некоја туристичка дестинација се доволни за да сонуваат за својата иднина, е дека грешат. Дома треба да сонуваме и да ја градиме нашата заедничка иднина, во нашата заедничка татковина. Колку посилно сонуваме и колку посилно работиме дома, толку посилен систем ќе имаме. 

Немојте да контрибуирате некаде надвор, во некои туѓи економии. Дома се гради иднината на вашата татковина.

Маркетинг
Ad 2
Ad 1