Connect with us

Свет

Десет мексикански функционери обвинети во САД за трговија со дрога

Американското федералното обвинителство на Јужниот округ на Њујорк поднесе обвиненија против десет поранешни и актуелни мексикански функционери, осомничени за трговија со дрога и кривични дела поврзани со оружје.

Сите десетмина обвинети се актуелни или поранешни високи државни и полициски функционери од сојузната држава Синалоа, во западниот дел на Мексико. Меѓу нив е и сенаторот Енрике Инзуна Казарез од партијата Морена на мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум.

Американското обвинителство ги обвинува функционерите, меѓу кои и гувернерот на Синалоа, Рубен Роча Моја, за соработка со картелот Синалоа во активности „за дистрибуција на огромни количини наркотици во САД“.

Картелот Синалоа е една од најмоќните криминални организации во светот, во САД означена како терористичка организација.

Во обвинението се наведува дека Иван и Овидио Гузман, синовите на затворениот мексикански наркобос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, постигнале договор со Роча Моја за да му помогнат да стане гувернер на Синалоа, во замена за заштита на членовите на картелот.

Роча Моја преку статус на платформата „Икс“ ги отфрли обвинувањата, наведувајќи дека тие се „целосно неосновани“ и дека тоа ќе биде докажано.

Министерството за надворешни работи на Мексико соопшти дека примило барања за екстрадиција за неколку лица од САД, но дека доставените документи не содржат доволно докази за утврдување одговорност.

Исто така, се додава дека ќе биде испратен формален протест до американската амбасада поради начинот на кој информациите биле објавени.

Обвинителот Улисес Лара Лопез изјави дека обвинителството ќе спроведе сопствена истрага за да утврди дали има доволно докази според мексиканското право и дали може да се одобрат барањата за привремено апсење.

Американскиот обвинител, Џеј Клејтон, изјави дека картелот Синалоа „не би можел да функционира толку слободно без корумпирани политичари и полициски службеници“.

Тој порача дека овие обвиненија испраќаат јасна порака до сите службеници во светот кои соработуваат со нарко-трговци дека ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Директорот на американската Агенција за борба против дрога, Теренс Кол, изјави дека картелот Синалоа се потпира врз корупција и поткуп за да креира насилство и профит.

Тој додаде дека обвинетите наводно ги злоупотребиле своите позиции за да ги заштитат активностите на картелот и да овозможат испораки на дрога во САД.

Маркетинг
Ad 1
Ad 3