Култура
Заврши 23. ФАД „Стоби 2026“ врачени наградите
Синоќа на големата преадаптирана во мала сцена на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес беа доделени наградите на 23. Фестивал на античка драма „Стоби“ на кој највисоката Гран при награда ја доби претставата „Лисистрата“ во изведба на актерите од Народно позориште „Тоша Јовановиќ“ од Зрењанин, Србија, која ја прими нивниот претставник Игор Филиповиќ.
Наградата за најдобра женска улога на фестивалот втора година едноподруго ја доби актерката Јелена Жугиќ, а за најдобра машка улога Александар Степанулески. Наградата за режија ја доби режисерот Дејан Пројковски, сите од претставата „Падот на Масада“ на Драмскиот театар од Скопје.
Наградите им ги врачи жирито во состав Весна Димитрова Бобевски претседател и членовите Кети Борисова и Пеце Ристовски.
Во нивна чест потоа беше одиграна претставата „Сите прекрасни нешта“ на Народниот театар од Штип, која ја воодушеви велешката публика.
Игор Филиповиќ од Народно позориште од Зрењанин, од свечената бина се заблагодари на организаторот што биле поканети да играат пред македонската публика ,македонски актери и режосери и на жирито кое им ја додели највисоката награда Гран при.
-Благодарам многу на наградата таа е за претстава која својата премиера ја имаше во мај годинава. Оваа награда ќе оди во најстариот театар во Србија, Народно позориште „Тоша Јовановиќ“ во Зрењанин ви благодариме- истакна Филиповиќ.
Наградените актери Јелена Жугиќ и Александар Степанулески од Драмскиот театар од Скопје, на свечената бина изјавија дека се среќни што ја примаат оваа висока награда од театар каде во старата театарска зграда ги имале своите актерски почетоци уште како студенти.
Режисерот Дејан Пројковски, иста така, се заблагодари на жирито за високата награда и ја истакна успешната соработка со велешки театар која започнала малку покасно во последниве години, но, како што рече, е многу успешна со повеќе негови театарски режии.
Инаку ФАД „Стоби 2026“ се одржа од 15 до 24 септември, а беа одиграни 6 претстави од кои 5 беа во конкуренција. Освен од Македонија имаше и по една претстава од Сардинија, Италија и една од Народно позориште од Зрењанин,Србија.
Фествалот го финансира Општина Велес и Министерствот за култура и туризам.
Желба на организаторите и на бројната публика е по долги години пауза фестивалот да се врати како што се одржуваше порано, во античкиот локалитет Стоби – таму каде што и припаѓа со претстави под отворено небо со ѕвезди во автентичен амбиент кој сите ги плени.
Во археолошкиот локалитет Стоби се реновираат камените блокови во амфитеатарот. Со тоа и публиката и актерите се надеваат дека наскоро фестивалот повторно ќе се одржува во локалитетот Стоби ,како и што е насловен, наместо во велешкиот театар.
септември 25, 2026
